Деновиве волонтерите ОО на Црвениот крст од Кичево беа во интензивна кампања, за да ги поделат пакетите со храна и средства за хигиена на 48 стари и изнемоштени лица и лица со посебни потреби, кои поради коронавирусот не можат да излезат од сопствените домови или превентивно не остваруваат контакт со лица од надвор.
– Во изминатите денови нашите волонтери посетија повеќе домови на стари и изнемоштени лица, лица со посебни потреби и самохрани мајки, за да им достават дел од помошта на УСАИД која се состоеше од 24 пакети со храна и исто толку пакети со средства за хигиена. Во изминативе три месеци волонтерите на Црвениот крст од Кичево имаа стотина јавувања од лица со попреченост, на кои по телефонскиот контакт им обезбедија храна и лекови и се што им е неопходно, за истите да немаат потреба да се изложуваат на опасност од можна зараза со коронавирусот по контакт со трети лица – информираа од ОО на Црвениот крст Кичево и најавија дека овие волонтерски акции ќе продолжат и понатаму се додека постои опасност од ковид-19.
Телефонски повици можат да се реализираат секој работен ден од 8.30 часот до 12 часот. Потоа следи набавка на непходните намирници и лекови и достава во домот на нарачателот. З.А.