Љубљана – Словенија наредните години ќе потроши речиси 400 милиони евра за набавка на нови оклопни возила, како дел од процесот за модернизација на армијата. Вредноста на набавката изнесува 780 милиони евра, а се однесува за период од 2021 до 2026 година. Според плановите на Министерството за одбрана, покрај оклопните возила, планирано е во овој период да се набават и два воени хеликоптери и еден транспортен авион. (МИА)

Брисел – Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, за време на посетата на германскиот „Маршалов фонд“ изјави дека го поздравува напредокот постигнат во долготрајниот спор меѓу Белград и Приштина, додавајќи дека Брисел не се натпреварува со САД во врска со прашањето за Косово. Борел рече дека има само еден структурно базиран дијалог, а тоа е тој што се одвива под покровителство на ЕУ. („Гласот на Америка“)

Будва – Туристичката организација на Будва објави дека се регистрирани 1.500 гости во сите видови сместувања, што е скоро 20 пати помалку од лани во истото време, кога имало 29.000. Празно приватно сместување, хотели што не се ни отворени, повеќе ресторани што не работат или имаат малку гости, напуштени плажи ја отсликуваат Будва на почетокот на главната сезона. („Вијести“)


Бисер балкански

Изборно цунами

– Очекував изборна победа, но не и ова изборно цунами. Најголемо изненадување е бројот на пратенички мандати што ги освои листата „Александар Вучиќ – за нашите деца“. Одзивот е фантастичен, ако имаме предвид дека сѐ уште сме во период на корона. Ние сме првата земја во Европа што имаше избори по појавата не епидемијата. Бројот на гласовите што ги доби СНС е ненадминат резултат во современата историја. Секоја чест, особено на Вучиќ, тој кампањата ја носеше со своето име, резултатите, кредибилитетот и енергијата. Ние другите дававме сѐ од себе, но ако бидам искрена, тој ја доби довербата на граѓаните што не е видено досега – рече Ана Брнабиќ, актуелна премиерка на Србија, за исходот на парламентарните избори.