Жителите на старата скопска населба Мичурин ќе добијат нов парк на површина од над три илјади квадратни метри. Од Општина Аеродром велат дека ова ќе биде само уште еден простор за прошетка и рекреација на граѓаните, бидејќи ќе биде убаво уреден, со многу содржини за забава на најмладите жители.
Според проектот, покрај сето друго и урбаната опрема, планиран е и простор за одржување на Мичуринските средби што, пак, им прави особено задоволство на оние што живеат во оваа населба.
– Паркот ќе се протега на површина од 3.573 квадратни метри и е проектиран според сите стандарди. Ќе има нови зелени површини, детско игралиште, пешачки патеки со клупи, комбинирано спортско игралиште за рекреација, место за друштвени игри за најмладите, а ќе биде оставен посебен простор за негување на традицијата при Мичуринските средби.
Градежните зафати се во тек, а градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, веќе беше на терен и направи увид до каде се работите околу изградбата на паркот – информираат од Општина Аеродром.