Доколку сте љубител на пливањето или на одмарањето покрај базен, веројатно сте си замислувале еден ден да имате свој базен. Меѓутоа, ако дворот ви е мал, базенот изгледа како недостижен сон.
До неодамна базените кај нас беа луксуз што можеа да си го дозволат само оние со подлабок џеб. Но денешната современа технологија и едноставниот начин на изградба на базените овозможуваат многу пониски цени на базените, така што сите што имаат простор и желба да си направат базен можат да си го дозволат тоа.
Факт е дека објектите што имаат базен во своите рамки имаат значително повисока цена на пазарот за недвижности. А покрај тоа што ќе имате можност за разладување во базенот, тој ќе стане и централно место за дружење со семејството и со пријателите. Затоа, многу е важно осмислувањето на базенот да биде и функционално и убаво. Главен фактор што влијае на карактерот на базенот се неговата местоположба и форма.
Отворениот базен, сместен во дворот, има и предности и маани, исто како и затворениот базен, кој е сместен во куќата или покрај неа.
Во градината, отворениот базен ќе го збогати целокупниот изглед на вашата куќа, така што ќе дејствува освежувачки во текот на жешките летни денови. Освен тоа, освежувачкото капење во него во текот на целото лето е ненедоместливо задоволство.
Изградбата на отворен базен технички е поедноставна и финансиски поповолна од изградбата на затворен базен. Најголема мана на отворениот базен се неговиот сезонски карактер и можноста за користење само во топлите летни денови.
При изборот на место за изградба на отворен базен, мора да обрнете внимание на правецот на доминантниот ветер, така што ќе се потрудите да го лоцирате на место каде што има завет.
Постојната водоводна и електрична инсталација, како и практичноста од понатамошно користење, нека бидат причина поради која базенот ќе го направите поблиску до куќата. Во непосредна близина на базенот не треба да има листопадни дрвја или грмушки, бидејќи нивните лисја ќе паѓаат во базенот, а со тоа ќе се оптоваруваат (затнуваат) филтрите за прочистување вода.
Просторот околу базенот, како и другите елементи (градинарски мебел и скара), визуелно усогласете ги со надворешниот изглед на куќата и околината.
Внатрешниот затворен базен, за разлика од надворешниот, овозможува негово користење во текот на целата година. Изградбата на внатрешен базен и финансиски е пообемна. При изградба на затворен базен треба да се внимава на термо и хидроизолацијата поради специфичните микроклиматски услови што владеат во просторот каде што е сместен базенот. Климатизацијата е многу важна. Најголемите проблеми што се јавуваат кај затворените базени се кондензацијата и испарувањето на хлорот. Затоа, најважно е квалитетно да се реши климатизацијата во затворените базени, а како компромис се нуди делумно затворен базен со подвижен покрив или со лизгачки ѕидови, што е релативно поскапо.
Дали ќе направите правоаголен, овален или базен со неправилна форма и колкави ќе бидат неговата големина и длабочина зависи од желбите, можностите, потребите и просторот со кој располагате.