Повеќето луѓе носат маски за да се заштитат од заразата, но за да не бидат монотони и здодевни, младата дизајнерка и визуелна уметница Даниел Баскин, која живее и работи во Сан Франциско, САД, направила обид да дизајнира заштитни маски со лицата на оние што ги носат, односно купувачите.
Порталот „Борд панда“ пишува дека ваквата маска во исто време е интересна, но и страшна, бидејќи совршено се вклопува со пропорцијата на лицето на личноста што ја носи.
Даниел вели дека се решила за ваков оригинален дизајн со намера луѓето што ги носат маските да бидат препознатливи во текот на пандемијата на коронавирусот.
Инаку, овие необични маски се памучни и можат да се перат. Исто така оној што ќе купи маска може да избере фотографија не само на своето туку и на некое друго лице. Битно е да се има предвид дека оние што ќе носат ваква заштита ќе бидат во центарот на вниманието и ќе добијат многу коментари за изгледот.
Дизајнерката на социјалната мрежа Твитер го споделила сопственото искуство со ваква маска, влегувајќи во еден клуб. Како што изјавила, некои од присутните биле одушевени со идејата, а други, пак, ја сметале за страшна. Пред оваа креативна идеја, Даниел осмислила линија на единствени респираторни маски Н95 што не мора да се вадат при отклучување на телефон и имаат софтвер за препознавање лица.