Карстен Ворхолм

„НЕВОЗМОЖНИ ИГРИ“ ВО ОСЛО

Норвежанецот Карстен Ворхолм постави нов светски рекорд во ретката трка на 300 метри со пречки, откако атлетиката на највисоко ниво излезе од изолацијата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, со одржувањето на т.н. Невозможни игри во Осло (Норвешка).

Ворхолм (24) оствари време од 33,78 секунди, што е за седум десетинки побрзо од досегашниот рекорд на Британецот Крис Раулинсон, забележан во 2002 година. Ворхолм е двоен светски првак, од 2017 и од 2019 година, потоа европски првак на отворено од 2018 година и во сала од 2019 година во дисциплината 400 метри со пречки.

Во трката на 2.000 метри, пак, Норвежанецот Јакоб Ингебритсен победи со време од четири минути и 50,01 секунди, со што го собори досегашниот европскиот рекорд на Британецот Стив Крем (4:51,39 минути) од 1985 година. Ингебритсен е актуелен европски првак на отворено од 2018 година на 1.500 и на 5.000 метри и европски шампион во сала од 2019 година на 3.000 метри.

Следниот голем атлетски настан треба да бидат т.н. Инспирациски игри на 9 јули, во кој се вклучени 30 атлетичари, кои треба да се натпреваруваат во осум дисциплини на седум стадиони, на три континента.