Нови подземни контејнери во Карпош 3
Нови подземни контејнери се поставени по должината на улицата Никола Русински во Карпош 3. Тие се со поголем капацитет за собирање отпад, при што еден нов контејнер заменува од три до пет стари контејнери. Овие контејнери се производство на финската компанија „Молок“, а се наменети единствено за домашен комунален отпад. Тие редовно ќе се празнат од комуналните служби на ЈП „Комунална хигиена“. Од Општина Карпош информираат дека на овој потег со години се собираше поголемо количество отпад, а имаше отворени контејнери и се ширеше лоша миризба.
– Контејнерите се наменети само за отпад од домаќинствата што живеат во овој дел од Карпош. Најстрого ќе бидат санкционирани сите угостителски објекти, кафулиња и ресторани, маркети, месарници и други фирми што ќе се обидат да одложуваат отпад во овие контејнери. Тие се должни да склучат договор со друштво за управување со отпад и на таков начин да се ослободат од својот отпад – порачува градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
Истовремено, тој најави дека на овој потег во населбата веќе има и контејнери за селекција на стакло, пластика, хартија и е-отпад, поставени во близината на маркетот „Тинекс“. Градоначалникот ги повикува карпошани при исфрлањето да го селектираат отпадот.
Според градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, полека но сигурно се менува сликата со степенот на хигиената по должината на сите улици во градот.
– Новите контејнери овозможуваат поголема хигиена и чистота. Намерата на градот е вакви подземни контејнери да постават во повеќе населби и општини во Скопје – најави градоначалникот на Скопје, Шилегов.
Надлежните од Општина Карпош ги повикуваат сите граѓани правилно да го одложуваат отпадот и информираат дека сите информации за одложување домашен, кабаст и електронски отпад им се достапни и на www.karpos.gov.mk.
Ново детско игралиште во Ново Лисиче
Привршува изградбата на новото детско игралиште во паркот „Нирнберг“ во Ново Лисиче. Деновиве беше поставена подлогата, која е изработена според сите светски стандарди за безбедна игра на дечињата. Надлежните од Општина Аеродром велат се грижат да им обезбедат ново и модерно катче за игра и забава на најмладите и за задоволство на сите што ќе доаѓаат тука да ги придружуваат. Најавуваат дека новото игралиште наскоро ќе може да се користи.