КОСОВО

Србија и Косово сакаат во разговорите да ги вклучат и своите надворешни ментори, односно Русија и САД, а од неформални кругови се пласира и идејата за поголемо ангажирање и на Албанија. Како опција се јавува и враќање на дијалогот на самиот почеток

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, го имаше првиот состанок со членовите на тимот со кој ќе работи наредните месеци, со крајна цел наоѓање конечно решение за косовското прашање. По одржувањето на парламентарните избори во Србија, се очекува да биде засилен притисокот од меѓународната заедница за интензивирање на преговарачкиот процес што се води со посредство од Брисел. Двете преговарачки страни веќе ги користат медиумите за испраќање пораки за условите и точките за кои ќе се разговара во наредниот период во координација со европскиот посредник. Неизбежен е впечатокот дека и Србија и Косово сакаат во разговорите да ги вклучат и своите надворешни ментори, односно Русија и САД, а од неформални кругови се пласира и идејата за поголемо ангажирање и на Албанија. Како опција се јавува и враќање на дијалогот на самиот почеток, што за официјален Белград претставува обид на Приштина да ги избегне веќе преземените обврски за формирање на заедницата на српски општини на Косово.

– Србија не треба да го прифати тоа, доколку постои таква идеја. Лајчак, водејќи се од оцените на некои европски аналитичари, има намера за продолжувањето на дијалогот, да го врати на првобитните принципи за нормализација на односите што за засноваат од 2012 година. Со ова би се наградило Косово за неисполнувањето на обврските од Бриселскиот договор. Ние станавме заложници на недоречености и на политички одлуки, неусогласени закони и законски дупки на Косово – вели Јелена Милиќ, директорката на ЦЕАС, во разговор за „Новости“.

На прашањето за новата улога на САД во процесот на дијалогот, таа очекува иницијатива од Вашингтон за постигнување конечно решение, кое не би се разликувало многу во однос на европското решение. Овој став произлегува од реториката и коментарите на високите претставници на Србија, а кои се однесуваат на тоа дека американскиот пристап им е поблизок.
– Очигледно нешто конкретно постои и доколку бидам принудена да избирам меѓу планот на ЕУ и оној на САД, без многу размислување би го прифатила американскиот предлог – истакнува Милиќ.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, во најновата изјава за медиумите рече дека тој ќе биде на преговарачката маса каде што политичкиот процес се води од САД, но во дијалогот што се води под покровителство на ЕУ или Лајчак косовските интереси ќе ги застапува новоизбраната косовска влада. Тачи изрази неверување дека Лајчак ќе издејствува двострано признавање на Косово и Србија. Од кабинетот на новиот премиер Авдулах Хоти наведуваат дека тој е во постојан контакт со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел. Но како што пренесе „Газета експрес“, ставот на Хоти е дека не треба да се создава вонредна состојба, со пренесување на преговарачките овластувања на претседателот, затоа што надлежностите на премиерот се дефинирани со Уставот на Косово.

Од друга страна, од Белград постојано како гарант за одбрана на српските интереси се споменува Русија. Во текот на овој месец е најавена нова посета на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој ќе го потврди досегашниот став на Москва за прифаќање решение за Косово што ќе биде поддржано од Србија. Досега Албанија се држи „неутрално“ во однос на преговарачкиот процес меѓу Белград и Приштина. Но албанскиот министер за Европа и надворешна политика, Гент Цакај, изјави Албанија ќе го поддржи ставот на приштинските институции, за постигнување договор за меѓусебно признавање.

– Секој договор мора да резултира со јасна перспектива за Косово во поглед на членството во ЕУ и во Обединетите нации – нагласи Цакај, при посетата на албанските општини на југот на Србија.