Германски и норвешки научници спровеле студија во која анализирале како инфекцијата од коронавирус напредува во однос на крвната група на пациентите, пренесува „Дојче веле“.
Наодите се зачудувачки, иако студијата беше објавена како т.н. нацрт, односно истата сè уште не ги минала проверките и критиките на научната заедница.
Експерти од Универзитетот во Кил и Универзитетската клиника во Осло го проучувале текот на болеста кај 1.610 пациенти кај кои короната предизвикала тешки респираторни проблеми. Пациентите биле од Италија и Шпанија, две европски земји кои беа сериозно погодени од епидемијата. Некои од нив починале.
Споредувајќи ги ДНК-материјалите на овие пациенти со примероци од крв од 2.205 здрави лица, се покажало дека луѓето со крвна група А имаат поголем ризик од потешка форма на заболување.
Инфицираните луѓе со крвна група А имаат двојно поголема веројатност да завршат на респиратор, во споредба со заразените со крвна група 0. Групите Б и АБ се некаде помеѓу, се наведува во резултатите од истражувањето.
Групата А е најчеста крвна група во Европа, по што следат следат 0 и Б, а најретка е АБ.
Доколку се потврди резултатот од студијата, ваквото сознание може да помогне во развојот на терапија.
Одамна е познато дека разни болести различно влијаат врз луѓето во зависност од нивната крвна група. На пример, пациенти со група 0 ретко заболуваат од маларија, додека групата А има најдобар имунитет против чума.