Против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, тужба поднесоа 17 сојузни американски држави и дистриктот Колумбија, кои се обидуваат да ја запрат „суровата и незаконска“ политика на присилно раздвојување на имигрантските семејства, кои влегуваат од Мексико.
Во тужбата поднесена во американскиот окружен суд во Сиетл, американските сојузни држави го нарекоа указот, со кој се стопираше раздвојувањето на семејствата, „илузија“.

Трамп на 20 јуни потпиша указ со кој на имигрантските семејства, кои илегално ја минале јужната граница на САД, им се овозможува да бидат заедно додека го чекаат исходот од имигрантската постапка. Тој, меѓутоа, напомена дека ќе продолжи политиката „нулта толеранција“, која подразбира кривично гонење на сите возрасни лица, кои се фатени како нелегално ја минуваат границата.
Во тужбата се вели дека политиката на администрацијата на Трамп делумно е неуставна, бидејќи е „мотивирана од злонамерност и желба да се повредат“ имигрантите, кои доаѓаат од Јужна Америка.


Судија нареди спојување на имигрантските семејства

Судија во Калифорнија пресуди дека американските погранични власти треба во рок од 30 дена да ги спојат раздвоените деца со родителите-имигранти. Ако децата се помлади од пет години, тие ќе мора да им бидат вратени на родители во рок од 14 дена.
Над 2.000 деца се раздвоени од родителите, илегални имигранти во САД, во изминатите недели и се ставени во центри под контрола на државата. По голем број критики, претседателот Доналд Трамп, издаде извршна наредба да се прекине со раздвојување на семејствата и родителите и децата да бидат сместувани заедно.