И покрај тоа што во Битола веќе 12 дена нема ниту еден заболен од ковид-19, на иницијатива на градоначалничката Наташа Петровска, денеска одржа состанок кризниот штаб на општина Битола.
На состанокот беа разгледани актуелните состојби со ковид-19 во Битола, при што беа елаборирани податоците од здравствените институции, како и соодветното постапување од страна на јавните претпријатија и полицијата во координација со надлежните инспекторати.
– Охрабрувачки е фактот што денес е 12 ден, без новозаболени од коронавирус во нашата општина, што секако се должи на одговорноста на граѓаните во изминатиот период, соодветното постапување на општина Битола во соработка со јавните претпријатија и пред се подготвеноста на здравствените институции соодветно да одговорат во случаите на лекување, препораки, превенција и заштита од ширење на пандемијата во нашата општина. Но за да се задржи ваквата состојба и во понатамошниот период, потребно е граѓаните и понатаму одговорно и совесно да се однесуваат, исполнувајќи ги обврските за носење заштитна маска, почитување на социјална дистанца и редовно одржување на хигиена на рацете.
Посебно одговорно однесување е потребно во маркетите, угостителските објекти, пазарите, односно секаде каде што има зголемена фреквенција на луѓе – подвлече градоначалничката Наташа Петровска.
На состанокот на кризниот штаб беше заклучено дека покрај редовното постапување на МВР во сите случаи, каде што ќе биде забележано несоодветно однесување на граѓаните, во следниот период да биде зголемена одговорноста и постапувањето и од страна на општинскиот комунален инспекторат, пазарната инспекција, државниот здравствен и санитарен инспекторат и останатите надлежни инспекторати. Целта на ваквото делување е да се преземат сите потребни чекори за спречување на ширењето на пандемијата во општината, беше заклучено на седницата на кризниот штаб.
М.М.