Понекогаш талентот е сѐ што е потребно за да се издигнете над просечноста, а доказ за тоа се глумците што и без филмска академија постигнаа огромен успех. На пример, Шарлиз Терон сакала да биде балерина, а првата филмска улога ја добила кога некој ловец на таленти ја забележал како се расправа со вработен во банка. Хоакин Феникс отишол во Холивуд откако настапувал на улица, бидејќи така го издржувал своето семејство. Голем број други мегапопуларни глумци станале важен дел од Холивуд исклучиво поради својот природен талент, пренесува „Брајт сајд“.

Том Круз

Том уште од мал сакал да гледа филмови и учеството во една театарска претстава засекогаш го менува неговиот живот. Отишол во Њујорк да стане глумец и шест месеци подоцна добил улога во филмот „Тапс“. Тој во 1990 година стана најплатен актер на светот, но оние што го познаваат велат дека по природа е многу скромен.

Џим Кери

Џим имал многу интересно детство. Живеел во кампер со своето семејство и како тинејџер сонувал дека ќе стане успешен. Првата улога ја добил во серијата „Боите на животот“, која ја лансирала неговата кариера. Оттогаш само продолжил да ниже големи улоги, една по друга, претежно во комедии, и никогаш не потрошил ни поени за некој курс по глума.

Мег Рајан

Додека бркала кариера на новинарка во Њујорк, почнала да посетува аудиции за реклами и телевизиски серии. Ги снимила рекламите за „Бургер кинг“ и една за паста за заби. Тоа било добар старт за нејзината кариера, која тргнала по нагорна линија. Мег го напуштила факултетот и почнала поамбициозно да глуми во филмови. Ниту таа никогаш не посетувала часови по глума.

Камерон Дијаз

Некогашниот познат фотограф Џеф Дунас еден ден ѝ пришол на Камерон за да ја праша кој е нејзиниот агент. Кога таа одговорила дека нема агент, тој ѝ ја дал својата визит-карта и ѝ рекол да му се јави кога ќе најде. Наскоро таа станала моделка на агенцијата „Елит“ и добила неколку помали улоги на ТВ и на филм. Четири години подоцна, ја добила главната улога во филмот „Маска“, каде што глумела со Џим Кери.

Џони Деп

Деп се преселил во Калифорнија за да стане музичар. Првата работа му била продавач на моливи. Кога дал отказ, неговиот пријател Николас Кејџ го запознал со својот агент. Набргу Деп добил улога во филмот „Ужас во улицата на брестовите“. Ни тој не посетувал курс по глума.

Хоакин Феникс

Феникс е глумец, продуцент и музичар. Тој и неговите роднини настапувале на улица за да ги издржуваат семејствата. Во меѓувреме ги забележала агентката Ирис Бартон, која им обезбедила ангажмани во телевизиски серии и реклами. Хоакин си дозволил пауза од настапите кога починал неговиот брат Ривер Феникс. Кога ѝ се вратил на глумата, почнал да игра во блокбастери, а лани доби „оскар“ и многу други награди за улогата во филмот „Џокер“.

 

Кристијан Бел

Бел го напуштил училиштето кога имал 16 години и ја почнал својата актерска кариера глумејќи во реклами, што го лансирало во филмската индустрија. Познат е по улогата на суперхеројот Бетмен во трилогијата „Витез на темнината“, а колегите ја истакнуваат неговата методична глума. Бел е во состојба драстично да се смени за потребите на некој филм, за да ја одигра улогата најдобро што може.

Расел Кроу

Кроу стана познат по улогата во филмот „Гладијатор“, за која доби „оскар“. Својата прва улога ја добил со врски. И тој го напушта училиштето на 16 години, со желба да стане глумец. Неговата посветеност му донесе многу ролји во квалитетни филмови, меѓу кои е и „Брилијантен ум“.

Бен Кингсли

Кингсли дебитирал кога имал 23 години и во наредните 15 години глумел само во театар. Одбивал многу добри шанси, а неговиот прв филм „Стравот е клучот“ се појавува во 1972 година. Голема популарност му донесе улогата во филмот „Ганди“ во 1982 година, за која доби и „оскар“.

Метју Меконахи

Метју Меконахи студирал право на Универзитетот во Тексас, кога во негови раце се нашла книгата „Најголемиот трговец на светот“, која му го сменила животот и, како што вели, поради неа станал глумец. Актерската кариера ја почнал појавувајќи се во неколку реклами и студентски филмови. Еден ден го запознал Ричард Линклатер, кој подоцна го избрал да глуми во филмот „Луди и збунети“.

Хит Леџер

Хит го напушта училиштето на 17 години за да почне актерска кариера. Отишол во Сиднеј заедно со својот најдобар пријател Тревод ди Карло. Неговата прва улога била во серијата „Кловнот од соседството“. Станал познат по улогата во филмот „Десет причини зошто те мразам“, но во најдобро светло се покажал во улогата на „Џокер“ во филмот „Витез на темнината“. Леџер е совршен пример за тоа дека не ви е потребно училиште за да станете одличен глумец. За жал, неговата успешна кариера згасна во 2008 година.