Градот Скопје почнува акција за ослободување на јавниот простор во време на корона и се придружува на семејството европски и светски градови кои за време на пандемијата ослободија големи простори за потребите на пешаците и на велосипедистите, за подобар проток на воздух во урбаната средина и за повеќе зеленило.
Градоначалникот Петре Шилегов најави дека со оваа акција, во наредниот период од јавните површини во Скопје ќе бидат отстранети 240 рекламни објекти – билборди и ситилајти.
– Постигнавме договор со компаниите кои се занимаваат со закуп на рекламен простор во делот на билборди и ситилајти, доброволно да отстранат вкупно 240 рекламни објекти од јавните површини во Скопје и покрај тоа што во минатото имаат склучено договор со градот, за што платиле извесен надомест. Станува збор за 120 билборди и 120 ситилајти кои биле легално поставени во најголем дел на тротоари, пешачки површини, велосипедски патеки и други јавни површини и на тој начин го ограничувале движењето на пешаците и на велосипедистите со што ја намалувале и безбедноста на целокупниот сообраќај – рече градоначалникот.
Од сегашните 680 билборди, ќе останат 560, а ќе се отстранат и сите 120 ситилајти од јавните површини во Скопје. Со тоа, велат од Градот, првата зона од централното градско подрачје целосно се ослободува од поставените рекламни објекти, а се намалува нивниот број и во преостанатите зони.
Градот Скопје од рекламните објекти досега остваруваше приходи од околу 100.000 евра месечно, а по акцијата за нивно отстранување ќе остварува приходи од околу 80.000 евра месечно, што е за 20 насто намалување.
На првата наредна седница Советот на Град Скопје ќе одлучува за ослободување на компаниите за закуп на рекламен простор од надоместокот кој му го плаќаат на Град Скопје за период од 3 месеци. Со намалувањето на бројот на рекламни објекти компаниите ќе имаат намалување за 20 отсто на давачките за месечна закупнина во понатамошниот период.
Шилегов најави и дека во претстојниот период ќе бидат отстранети нелегално поставените рекламни објекти.