Во актуелните пазарни услови каматниот интерес е сѐ помалку пресуден, а поголемо влијание на одлуката за кредитно изложување кон клиентите има целокупниот потенцијал на деловниот однос со клиентот, велат банкарите
Откога Народната банка пред некој ден им даде сигнал на комерцијалните банки да ги поевтинат кредитите намалувајќи ја референтната камата на историски најнизок 1,5 отсто, инволвираните, но и упатените во монетарните текови се согласни дека тоа е позитивна мерка со која ќе се зголеми потрошувачката и ќе се спречи дефлација што впрочем е и една од прокламираните цели на банката. Инаку, станува збор за трето едноподруго намалување за по 0,25 процентни поени од почетокот на годината. На крајот на минатата година оваа каматна стапка беше 2,25 отсто, што значи дека кумулативно, за нешто повеќе од четири месеци таа е намалена за една третина. Истовремено, НБРМ ги намали благајнички записи, кои беа понудени на аукцијата за седум милијарди денари, со кои целеа кон поттикнување на кредитната активност на банкарскиот систем.
– Бидејќи Народната банка се грижи за ценовната стабилност, пристапија кон олабавување на монетарната политика за да се поттикне потрошувачката и да се спречи дефлација. Ослободија благајнички записи во висина од 7 милијарди денари, што значи банките треба тие пари да ги врзуваат во државни обврзници или да ги пласираат кај граѓаните и кај компаниите. Ова е добра мерка во ситуацијава во која сме поради пандемијата, ќе ги поттикне банките да пуштаат пари во стопанството, за да се спречи намалување на цените на производите. Ако нема потрошувачка, треба да се пуштат пари во прометот за таа да се стимулира, а токму тоа и го прави регулаторот – објаснува поранешниот гувернер Љубе Трпески.
Претставниците на банкарскиот сектор посочуваат дека тие веќе подолго време се соочуваат со предизвикот на ниските каматни стапки, со притисокот на цените предизвикан од големата ликвидност, а пандемијата им создава дополнителен притисок и сметаат дека на глобално ниво таа ќе донесе дополнителни промени.
– Во актуелните пазарни услови каматниот интерес е сѐ помалку пресуден, а поголемо влијание на одлуката за кредитното изложување кон клиентите или финансирање на проектите на малите и средните претпријатија има целокупниот потенцијал на деловниот однос со клиентот. За да овозможи полесно надминување на финансиските тешкотии за физички лица овозможивме одложено плаќање на обврските, додека за правните лица олеснувањата во сервисирањето на обврските во зависност од природата на потребата се усогласуваат со секое правно лице поединечно – велат претставниците на една од комерцијалните банки.
Оттаму додаваат дека ги следат сите макроекономски параметри и интерни индикатори и го приспособуваат работењето на новата состојба, со фокус кон одржување на ликвидноста и долгорочната стабилност.
– Каматните стапки на кредитите логично ќе го следат овој тренд. Банката ќе ги преземе сите неопходни активности за одржување на квалитетот на портфолиото, развој на понуда на производи и наоѓање флексибилни решенија приспособени на потребите на клиентите. Засега успешно ги реализираме плановите и спроведуваме мерки за намалување на потенцијалните негативни ефекти од ширењето на коронавирусот. За креирање одржливи и ефикасни процеси, во услови кога е неопходно минимум присуство во банките, продолжуваме и со дигитализација на процесите и надградба на производите и услугите достапни преку дигиталните канали (електронско и мобилно банкарство) – додаваат од банката.