Лондон – Десетици деца во САД, Британија, Франција, Италија, Холандија и во други европски земји се заболени од ретка болест што се поврзува со коронавирусот. На здравствените работници им е наложено да внимаваат на редок но опасен вид воспаление кај децата, кој личи на синдромот кавасаки. Во Британија се регистрирани до 100 случаи, а од болеста починало едно 14-годишно дете. Сите имале слични симптоми, како треска, исип, црвенило на очите, отоци и болки. Лекарите велат дека бидејќи реткиот синдром се појавува за време на пандемија на ковид-19, веројатно се поврзани.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е изненаден од предупредувањето на главниот американски епидемиолог Ентони Фаучи дека е опасно премногу брзо да се отвори економијата и да се ублажуваат карантинските мерки. Трамп нагласи оти тоа за него не било прифатлив одговор.
Брисел – Бројот на барања за азил на имигрантите драстично е намален во првите четири месеци од годинава, во одредени места и за над четири петтини, покажуваат податоците од агенцијата за азил на ЕУ. Според „Велт“, кој имал увид во бројките, кои уште не се официјално објавени, од јануари до април барање за азил поднеле над 164.000 лица, што е за 25 отсто помалку од бројот на барањата поднесени во истиот период лани. Најмногу барања (над 37.000) се поднесени во Шпанија, и тоа најмногу од лица од Колумбија, Венецуела и од Хондурас. Потоа следува Германија, со над 33.000 барања за азил, главно од Сирија, па Франција со околу 29.000 барања, Грција со 21.000 барање и Италија со околу 8.000 барања.
Гитега – Бурунди го протера претставникот на Светската здравствена организација во таа земја неколку дена пред претседателските избори и по предупредувањето на Светската организација поради опасноста од организирање големи политички собири. Источноафриканската земја со околу 11 милиони жители има само 15 случаи на ковид-19 и една жртва од коронавирусот.