Американските власти го запреа тестирањето за ковид-19 што во Сиетл беше покренато на иницијатива на Бил Гејтс, чија програма требаше да биде тест за формирање поширок надзорен систем за коронавусот во САД.
Американската администрација за храна и лекови (ФДА) нареди да престанат стотината тестирања дневно во Сиетл. Гејтс најави дека низ програмата СКЕН (Seattle Coronavirus Assessment Network) ќе бидат тестирани по 300 луѓе дневно, но сега програмата е на стенд-бај поради конфликтот со ФДА.
Програмата на Гејтс претходно доби одобрение од Одделот за здравство на државата Вашингтон, но дополнително беше утврдено дека за експериментални тестирања за Ковид-19 е потребна дозвола и од федералните власти.
ФДА побара дополнителни информации за програмата СКЕН во која се спроведува тестирање на луѓето кои немаат симптоми на Ковид-19 врз основа на брис од носот.
Гејтс наведе дека оваа програма би требало да биде тест за формирање надзорен систем за ширење на коронавирусот, а ја спроведуваат пет здравствени организации од Сиетл.
Програмата требаше да послужи како пример по кој би се виделе резултатите од тестирањата на луѓе кои имаат, но и на оние кои немаат симптоми, односно за начинот на кој се шири вирусот, кои се најзагрозените и дали мерките за физичко дистанцирање воопшто помагаат.