Министерството за здравство информира дека започнуваат координации со соседните земји за справување со коронавирусот. Овие подготовки имаат за цел да се донесе координирано олеснување на мерките за спречување на внесување и ширење на ковид-19 и да се овозможи безбедно патување во странство на граѓаните кога условите ќе го дозволат тоа.
Согласно ова, Владата на вчерашната седница донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус ковид-19 и Одлука за забрана и посебен режим на движење на територијата на Македонија, со која се дозволува службено патување на избрани и именувани лица во странски држави.
Во одлуката се наведува дека заради координации и други работни активности, поврзани со мерките за ковид-19, за овие лица нема да се спроведува државен карантин по нивното враќање во државата. Лицата се обврзани да ги почитуваат препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести за одржување на потребно растојание, носење на лична заштитна опрема.