Фото: Архива

Имаат ли владините уредби со законска сила, кои се донесени во услови на вонредна состојба, правна сила само додека трае вонредната состојба или, пак, тие ќе бидат во сила и кога кризата ќе биде надмината? Дилемата стана исклучително актуелна во домашната јавност, особено кога полека се наѕира крајот на вонредната состојба. Во јавноста се судрија мислењата на голем број правни експерти за толкувањето на членот 126 од Уставот, а сега и за временската рамка на важењето на уредбите со законска сила. Дали е тоа слабост на поставеноста на фундаментите на правната држава или повторно постои политички мотивирана заднина за атака на правниот систем?

Уредбите со законска сила во правен вакуум

Во контекст на сѐ погласните прашања за тоа дали владините уредби со законска сила донесени во услови на вонредна состојба имаат правна сила само додека трае вонредната состојба или, пак, овие состојби продолжуваат и кога ќе биде надмината кризата, „Нова Македонија“ со свој осврт ги судри аргументите и размислувањата на два антипода поврзани со оваа правна недоумица и направи пресек на ставовите на оние што сметаат дека важноста на уредбите продолжува и по вонредната состојба, како и на оние што го тврдат спротивното.

Министерката Дескоска се повикува на
Венецијанската комисија

Министерката за правда Рената Дескоска во своја изјава за медиумите тврди дека уредбите со законска сила се акти, кои се на исто рамниште со законите и самото име кажува дека се со еднаква правна сила.
– Слушам дека во изминатиов период се отвораат повеќе прашања околу уредбите со законска сила, што може да регулираат, до кога важат и слично. Кога се разгледуваат овие прашања мора да се има предвид дека вонредната состојба е прогласена заради полесно справување со епидемијата, но и со последиците што произлегуваат од неа, а тие последици се економски, социјални, образовни и слично – вели министерката за правда.
Според Дескоска, по прашањето за важењето на уредбите со законска сила се има изјаснето и Венецијанската комисија, која прифаќа дека одредени мерки што се донесени за време на вонредната состојба можат да имаат правно дејство и по нејзиното завршување.
Министерката потсети дека за траењето на уредбите со законска сила се изјаснил и Уставниот суд со отфрлање на една од иницијативите што беа поведени за уредбите, а со тоа веќе се прифатило дека одредени мерки може да важат по престанокот на вонредната состојба, и таква била и уредбата со законска сила за Законот за работните односи.

И професорката по уставно право Каракамишева се повикува на Венецијанската комисија

Од друга страна, спротивно размислува професорката Тања Каракамишева-Јовановска, која на својот твитер-профил напиша дека Венецијанската комисија е децидна во однос на времетраењето на уредбите со законска сила и смета дека тие треба да го „изгубат својот правен ефект во моментот на престанокот на вонредната состојба“.
Каракамишева-Јовановска подвлекува дека во контекст на настаните и Уставот е на оваа линија, а тоа може да се види ако се прочита членот 126, стaв 2.
– Сѐ друго е политичка манипулација! – пишува професорката.
Професорот на правниот факултет Борче Давитковски вели дека овие уредби на Владата важат додека е во сила вонредната состојба.
– Првиот ден кога таа ќе биде прекината уредбите веќе немаат правна сила – изјави Давитковски.

Според него, сите уредби со законска сила што ги носи Владата имаат важност до траењето на вонредната состојба, иако тоа изречно не е наведено во Уставот, но се подразбира и во секоја од владините уредби е наведено дека имаат важност додека трае вонредната состојба во согласност со нивната намена за надминување на корона-кризата. По престанокот на вонредната состојба тие повеќе немаат важност.
– Оние уредби за кои постои процена дека треба да продолжат да важат како политики, како оние за финансиската помош на компаниите и граѓаните ќе треба да бидат преточени во закон. Тоа значи дека парламентот ќе треба да донесе соодветни закони или законски измени – изјави професорот.

Дали уредбите ќе важат или нема да важат по вонредната состојба, кај нас
не е регулирано?!

Професорката Ана Павловска Данева за медиумите истакна дека ниту Уставот, ниту Законот за Влада не го уредуваат прашањето за времетраењето на дејството од уредбите со законска сила што се носат во вонредна состојба.
– Дали по автоматизам по завршувањето на вонредната состојба треба да прекинат и овие обврски или права или треба да се утврди отпосле со закон на Собранието, не е воопшто уредено во нашиот правен систем. Оттука, ќе треба да се вади аналогија и да се толкуваат досегашните одредби и, за жал, може да настане една не многу посакувана состојба кога различни правници особено различни институции, различни државни органи различно ќе го толкуваат ова прашање – изјави Данева.

Трендафил Ивановски, поранешен претседател на Уставен суд, во својата изјава во јавноста на темава вели дека со оглед на сегашната состојба каде што Собранието не е во функција, Владата ќе мора да најде начин да се премости тој правен вакуум, но без да се крши Уставот, а особено не допуштајќи секој да го толкува Уставот така како што ќе му текне.
Според него, бидејќи во конкретниот случај се донесуваат уредби за да се уреди некоја состојба што е надвор од правниот поредок, тоа значи дека со таквиот акт како што се уредбите со законска сила во таква состојба, со престанокот на вонредната околност правно престанува и примената на актот.


Ставот на највисоката академска институција во земјава – МАНУ

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), пак, излезе со своја анализа и со став по овие прашања поврзани за правните аспекти на вонредната состојба во која повика состанување на парламентот, кој меѓу другото, ќе мора да одлучи и за оние уредби за кои Владата предвидела да имаат дејство и по вонредната состојба.
Според Научниот тим на МАНУ, уредбите на Владата имаат законска сила, но престануваат да важат со престанокот на вонредната состојба, така што оние уредби што имаат продолжено дејство мора да бидат потврдени од Собранието.

– Може да се доведат во прашање оние уредби со кои се регулираат определени права што ќе траат до крајот на 2020 година, без оглед до кога ќе трае вонредната состојба, па се поставува прашање дали уредбата со законска сила воопшто смее да „востановува“ нови права или само да најде механизми за примена на постојните закони во вонредни услови и дали мерката од уредбата смее „да ја надживее“ вонредната состојба – пишува во анализата на МАНУ.


Пендаровски: Постои размислување дека уредбите со законска сила важат додека важи вонредната состојба

На оваа тема своја изјава имаше и претседателот Стево Пендаровски, кој во телевизиско интервју посочи дека оваа дилема треба да биде поставена на лидерска средба.
– Не би сакал да им наметнувам нови задачи од областа на правото на овие што се правници од власта и од опозицијата, меѓутоа, постои размислување дека уредбите со законска сила важат додека важи вонредната состојба.

Потоа, за евентуално да продолжат да важат треба Собранието да ги потврди. Ако ги потврди ќе продолжат да важат, ако не, нема да важат. Тоа е едно од правните мислења што ми го кажуваат, ми го советуваат тие што мене ме советуваат во правната сфера. Не велам дека тоа е дефинитивна вистина, меѓутоа, само сакам да го кажам тоа – истакна претседателот и додаде дека уредбите што ги носи Владата имаат сила на закон, но и дека Владата има законодавна моќ само додека има вонредна состојба.

[email protected]