Отворена е првата виртуелна изложба на стрипови и карикатури од прилепскиот мултимедијален уметник Златко Крстевски. На изложбата се претставени 44 дела, сатирични видувања, работени во карантински и изолациски услови. Изложбата е поместена на страницата на локалната самоуправа на Прилеп.
Претходниве денови Крстевски учествуваше на изложбата ,,Уметност во дигитално време“ во Хрватска со свои дела. Едното дело е посветено на македонскиот легендарен музичар Тоше Проески, кој особено го ценат во Хрватска. Со свои дела Крстевски учествува и во познатата Месна галерија во Љубљана каде што од пред еден месец, за виртуелната изложба ,,Уметност од карантин“ се подготвува посебна хуманитарна гала-вечер.
Крстевски е добитник на триесетина награди за стрип, современа карикатура, графика, сликарство. Учествувал на голем број изложби, фестивали, конвенции, симпозиуми од визуелната уметност.