Верувам дека ќе направиме добра екипа и дека ќе играме значајна улога во Лигата на Европа, а својата шанса ќе ја чекаме и во домашното првенство, рече левиот бек Рниќ

Среќен сум што дојдов во Металург, клуб што има богата традиција и големи амбиции за иднината, изјави левиот ракометен бек од Србија, Момир Рниќ, со чиј ангажман победникот на Купот на Македонија, Металург, почна со градење силен тим за наредната сезона.
По продолжувањето на договорите со голманот Даниел Дупјачанец и со пикерот Милан Лазаревски, поранешниот српски репрезентативец Рниќ (32 години, 192 см) е првото интернационално засилување на тимот од „Автокоманда“. Рниќ доаѓа во Металург од редовите на неговиот матичен клуб Пролетер од Зрењанин, чии бои ги бранеше во тековнава сезона, по рехабилитацијата од повредата на стапалото, кое го повреди како член на германскиот Левен.

Во својата богата интернационална кариера, Рниќ три сезони бил член и на словенечките клубови Целје и Горење, а седум сезони играше во германската Бундес-лига, и тоа за Гепинген (од 2011 до 2014 година), Мелсунген (2014-2017) и за Левен (2017-2018). За репрезентацијата на Србија има 87 настапи и постигнато 152 гола, а има и сребрен медал од Европското првенство во 2012 година.

– Имав пет понуди на маса од моите менаџери, но се одлучив за Металург од едноставна причина што сум желен за добра игра и добар ракомет. Исто така, ме привлекоа амбициите на клубот и работата со Зоран Кастратовиќ, кого особено го ценам. Верувам дека ќе направиме добра екипа и дека ќе играме значајна улога во Лигата на Европа, а својата шанса ќе ја чекаме и во домашното првенство, во кое ќе се потрудиме да бидеме рамноправни со Вардар и со Еурофарм Пелистер – рече Рниќ, кој едвај чека да почне со тренинзите со својот нов тим.

Задоволен од доаѓањето на искусниот лев бек во Металург е и тренерот Кастратовиќ, кој верува дека Рниќ ќе се врати во својата врвна форма од пред две сезони.
– Среќен сум и задоволен што во нашите редови донесовме екстра-квалитетен ракометар, бек-шутер, кој зад себе има драгоцено интернационално искуство.

Верувам дека добро ќе се вклопи во нашиот тим и дека Рниќ со својата игра ќе го крене квалитетот на нашата игра и во напад и во одбрана – изјави Кастратовиќ, кој во следниве денови очекува реализација уште на неколку засилувања, на пикерската, на десната бековска и на крилна позиција.


„Македонија е ракометна земја“

Сметам дека секој играч на секој натпревар треба да се докаже, па така ќе биде и со мене, без разлика на тоа што играв во големи клубови и постигнував одлични резултати. Знам колку беше тешко порано да се игра против Металург. Македонија е ракометна земја и верувам дека навивачите ќе го препознаат овој нов момент и дека повторно ќе бидат осмиот играч во тимот и заедно повторно ќе правиме врвни резултати, вели Момир Рниќ, новиот лев бек на Металург. 

 

[email protected]