Турската полиција приведе неколку претставници на синдикатот кои излегле на улиците во Истанбул по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.
Тие излегле на улица и покрај забраната за движење воведена поради епидемијата на коронавирус. Околу 15 луѓе се приведени, меѓу кои и лидерката на големата турска синдикална конфедерација ДИСК, Арза Черкезоглу , пренесе агенцијата „Франс прес“.
Приведените биле во група од околу 50 демонстранти, меѓу кои биле и пратеници од опозицијата. Групата тргнала во прошетка кон истанбулскиот плоштад Таксим, за да го одбележи 1 Мај.
Демонстрантите излегле со заштитни маски но не ги почитувале правилата за дистанцирање.
Турските власти од денеска до понеделник воведоа строг карантин на населението во 30 најмногу населени провинции, меѓу кои е и Истанбул.
Во Турција од коронавирус заразени се над 120.000 луѓе, од кои 3.100 починаа.