Политиката да ги тргне рацете од бизнисот и да остави економските механизми да ги воспостават правилата, да владее правото за секој инвеститор да се чувствува сигурен, а државата да биде стабилна зашто капиталот е плашлив и сака да е заштитен, рече денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев на форумот „Македонската економија меѓу визија и дилема“.
Анѓушев потенцира дека за раст на мала економија како македонската е неопходно креирање извозно ориентирани компании и инвестирање во одржливи, инфраструктурни проекти.
– Премногу пари потрошивме на загубари, на фирми што пропаднаа, ги апсорбираа парите на даночните обврзници, а не дадоа резултат. Ако сакаме раст на економијата мора најпрво да се зголеми домашната побарувачка, да се зголеми извозот до 65 отсто од БДП и да се инвестира во капитални, но одржливи инвестиции – истакна вицепремиерот.
Според него, владините мерки за поддршка ќе можат да ги искористат над 7.000 компании, а ефектите од мерките ќе ги мери тим во рамки на МАНУ што ќе треба да ги покаже конкретните резултати.
Анѓушев се осврна и на просечната плата која во јануари годинава покажа зголемување од 5,6 отсто во однос на јануари 2017. Тоа, како што оцени, е резултат на подигнувањето на лимитот на минималната плата.
– По 10 месеци сум уште поубеден дека има надеж за македонската економија. Првата половина од 2017 беше лоша, а втората подобра, но не доволно добра – рече заменик-претседателот на Владата.
Министерот за финансии Драган Тевдовски, кој исто така е панелист на форумот, оцени дека економскиот раст од 3,2 отсто е остварлив.
– Македонската економија почнува да се движи и може да оствари раст поголем од четири проценти – напомена Тевдовски.
Пред почетокот на форумот, британскиот амбасадор Чарлс Гарет порача дека јавните финансии се клуч за здрава демократија. Граѓаните мора да знаат како и за што се трошат нивните пари, а тоа е многу важно и за бизнисот кој врз основа на конкретни, точни податоци одлучува за своите инвестиции. Јавните финансии, подвлече Гарет, мора да бидат лесно достапни и лесно разбирливи.