Поради релативно поволната епидемиолошка состојба, Хрватска започна да ублажува некои од мерките воведени во март како дел од борбата против коронавирусот.
Од понеделникот, на повеќето продавници им е дозволено да работат, воспоставен е јавен превоз во некои градови и обезбедени се тренинзи за професионалните спортисти.
Но, дури и кога Националниот совет за цивилна заштита ќе ги укине повеќето мерки насочени кон заштита на јавното здравје на 11 мај, секојдневниот живот на хрватските граѓани сè уште ќе биде многу поразличен, на пример со далеку повеќе ограничувања од оние во Шведска, пренесуваат хрватските медиуми.
Во Хрватска досега има вкупно 2.039 инфицирани со коронавирус и 59 смртни случаи.
Здравствените власти во Србија денеска соопштија дека ублажување на заштитните мрки во државата предложиле здравствените работници, без никаков притисок отстрана, но не ја исклучија можноста дел од ограничувањата да се вратат доколку се оцени дека постои причина за тоа.
– Се ублажуваат мерките за заштита од заразната болест, така што од денеска ќе бидат отворени парковите и шеталиштата. Исто така, од денеска се дозволени тренинзи на отворено – беше речено на денешната прес-конференција за српските медиуми.
Министерот за образование, Младен Шарчевиќ, изјави дека градинките во Србија ќе бидат отворени на 11 мај со цел да им се излезе во пресрет на родителите кои треба да одат на работа.
Во Србија денеска беа потврдени 222 нови случаи на инфекција во изминатите 24 часа, а уште шестмина починаа.
Досега кај нашиот северен сосед регистрирани се вкупно 168 смртни случаи од ковид-19, а 1.260 лица закрепнале.