Љубљана – Словенечката влада реши уште малку да почека со олабавувањето на мерките, иако беше најавено дека веќе на 4 мај ќе биде донесена одлука за повторно отворање на повеќе помали бизниси и ќе се укинат некои ограничувања за движењето на граѓаните,
Една од причините за ваквата одлука, според Владата, е тоа што е потребно прво да се добијат и анализираат резултатите од големото испитување за вистинската раширеност на коронавирусот во Словенија, кое предвидува „слепо“ тестирање на 3.000 граѓани од сите општини низ земјата. (МИА)

Атина – Раководството на Министерството за образование донесе одлука да почне отворањето на училиштата во Грција од 11 мај. Се очекува отворањето да биде делумно и засновано на мерки на заштита, како што е по еден ученик на една клупа и слично. Основните училишта најверојатно ќе работат секој ден кон крајот на мај. Спроведувањето мерки како што е еден ученик на една клупа, употреба на дезинфекциски средства и слично се очекува да биде лесно спроведливо. („Нетпрес“)

Софија – Зграда со 17 ката, изградена да биде „најголемата и најмодерна печатница на Балканот“ пред 40 години во Софија, урната е со експлозив. Во објектот беше планирано да ги собере сите медиуми во земјата. По соборувањето на Тодор Живков, последниот комунистички диктатор во земјата, во 1989 година, Бугарија влезе во длабока економска криза и затоа не можеше да се заврши. (АА).


Бисер балкански

Како Вучиќ, така и Дачиќ…

– Јас сигурно нема да ги земам стоте евра, а тоа не треба да го направи ниеден друг функционер – изјави Ивица Дачиќ, српскиот министер за надворешни работи, во анкетата на „Ало“, за тоа што ќе направи со стоте евра што Владата на Србија ќе му ги даде на секој полнолетен граѓанин, како помош за справување со коронавирусот.
Пред два дена претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека нема да се пријави на телефонската линија што е отворена од Министерството за финансии како услов за добивање на 100 евра.
И министерката за сообраќај Зорана Милановиќ нема да ги земе тие пари, а како што вели тоа „нема да го сторат ни државните секретари, помошници и членови на кабинетот на Министерството со кое раководи“. Таа го информирала Министерството за финансии дека нема да ја бараат еднократната социјална помош.