Со полагање на букети свежи цвеќиња пред спомениците на загинатите припадници на безбедносните сили во конфликтот во 2001 година кај Вејце: Марјан Божиновски, Кире Костадиновски, Бошко Најдовски и Илче Стојановски, денеска во Битола беа одбележани 19 години од нивната трагична смрт. На комеморацијата покрај министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, присуствуваше, заменичката министерка Славјанка Петровска и директорот на Бирото за јавна безбедниост, Сашо Тасевски.

– Тука сме да им дадеме признание на хероите кои загинаа на 28 април во 2001 година кај Вејце. Ова е посебен ден кога сите ние припадници на МВР им оддаваме признание на нивното херојско дело кое што треба да биде патоказ по кое што сите ние припадници на МВР треба да се стремиме. Ова значи и континуирана поддршка на семејствата на бранителите која што ќе продолжи и во идниот период – рече Наќе Чулев. 
Букети свежи цвекиња положи и градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

– Би сакала да упатам длабока почит, кон оние млади битолчани кои во 2001 година ги дадоа своите животи за нашата татковина. Секогаш со тага се присетуваме на сето тоа, но примерот на овие млади луѓе нека ни покаже како треба да се однесуваме ние во денешницата – порача Петровска.

М.М.