ЕЦТАА ја повика ЕК да го спаси туризмот
Европското здружение на патнички агенции и туроператори (ЕЦТАА) ги повика Европската комисија (ЕК) и министрите за туризам на ЕУ да ги засилат напорите и да осмислат позначителен пакет за спас и координирана стратегија за излез на туризмот и индустријата за патувања од кризата поради ковид-19.
– Време е комисијата и државите членки да постават амбициозен план за закрепнување за туризмот и индустријата за патувања, кои се најмногу погодени од кризата поради пандемијата и веројатно последни ќе излезат од неа поради постепеното укинување на мерките и ограничувањата на патувањата – порачуваат од ЕЦТАА.
Од ова здружение, кое застапува околу 30 европски здруженија на агенции и туроператори, чии членки се повеќе од 80 илјади компании, очекуваат и договори за поведување координирани мерки за туризмот во ЕУ.
Русија ќе продолжи да се соочува со ниски цени на нафтата
Рускиот министер за економски развој Максим Решетников оцени дека би било погрешно во следните два-три месеца да се потрошат сите финансиски резерви и дека руската економија и по кризата веројатно ќе се соочува со ниски цени на нафтата, која е главен руски извозен производ.
Решетников за руските медиуми вели дека актуелната криза се разликува од оние во 2008 и 2014 година, бидејќи широко ги зафатила малите и средните претпријатија.
– Животот дефинитивно ќе продолжи, ќе се менува, но, за жал, нема да преживеат сите компании, тоа е очигледно – рече Решетников.
Тој додаде дека Владата не може да ги потроши сите акумулирани резерви во следните два-три месеца, бидејќи и потоа економијата ќе треба да закрепнува, а тој период веројатно ќе биде обележен со ниски цени на нафтата.
Европската автомобилска индустрија го обновува производството
По повеќемесечен прекин на производството поради пандемијата на коронавирусот, производителите на автомобили во Европа постепено се враќаат на работа.
Најголемиот производител на автомобили во светот, германски „Фолксваген“, најави дека повторно ја отвора фабриката во Волфсбург, јавува Ројтерс.
Охрабрена од опаѓањето на ширењето на коронавирусот, Германија им дозволи на малите компании повторно да почнат со производството, под услов да ги почитуваат ригорозните мерки за дистанцирање и хигиена, а нивниот пример сега го следат и големите компании.
БМВ исто започнува со производство во фабриката во Велика Британија, а следува отворање на фабриките во јужна Каролина и во Мексико, во мај.
Работниците ќе мораат да носат заштитни маски и да држат меѓусебно растојание.
За интензивирање на производството се подготвуваат и фабриките на „Мерцедес-Бенз“ во Синделфинген и во Бремен.
„Фијат-Крајслер“ ја отвора фабриката „Севел“ во Италија, со планови да продолжи 80 отсто од производството.
Во Франција, „Тојота“ оваа недела почнува со производство во фабриката во Валенсиен, а „Рено“ почна со производство на мотори во фабриката западно од Париз.
Шведски „Волво“ ја отвори фабриката во Торсланд, по ремонтот на производствениот процес.