Бенџамин Сигел и Чарлс Харелсон

Според една британска студија направена пред неколку години, утврдено е дека постојат четири различни видови платени убијци. Првиот вид се почетници во криминалните организации, кои со убиства се обидуваат да се докажат и да се пробијат во мафијашкиот свет. Втората група се таканаречените дилетанти, односно обични луѓе што воопшто не се склони кон насилства, но се присилени на овој начин да заработат пари за да се извлечат од коцкарски долгови или слични должничко-доверителски односи. Третата група се искусни убијци, а четвртата се мајсторите професионалци, кои никогаш не промашуваат, а нивниот идентитет речиси никогаш не се открива

ЛАДНОКРВНИ ЕГЗЕКУТОРИ

Да се управува со криминални организации и да се биде дел од нив е многу ризично, затоа што никогаш не се знае кој од членовите е во опасност, кој е сојузник а кој е непријател. Во тој свет не важат човечките закони и моралот.
Поради постојаните пресметки со вистински, скриени или замислени непријатели, мафијата во светот ангажира професионални платени убијци за да ја реализира својата валкана работа. Да се вработи платен убиец за нив е многу попрактично од повеќе причини.

Не постои пишан договор, тие се договараат во четири очи, без сведоци. За мафијата најпрактично е ликвидацијата да ја реализира професионален платен убиец што не е државјанин на земјата во која се реализира ликвидацијата. Со тоа, на полицијата ѝ е многу потешко да го најде сторителот, па така и самиот нарачател на убиството. Второ, за разлика од домашните членови на мафијата, странските платени убијци се безбедни од одмазда, затоа што се со километри далеку и тешко се дознава нивната адреса.

Договорот во четири очи се реализира многу подискретно отколку налогодавецот да бара ликвидатор во своите редови, затоа што таквиот план може да пропадне, особено ако слушне некој што не треба да знае за тоа, на пример поткажувач на полицијата или на потенцијалната жртва. Поради тоа, ангажирањето платен убиец е еден од најчесто користените начини .
Според една британска студија направена пред неколку години, утврдено е дека постојат четири различни видови платени убијци. Првиот вид се почетници во криминалните организации, кои со убиства се обидуваат да се докажат и да се пробијат во мафијашкиот свет.

Втората група се таканаречените дилетанти, односно обични луѓе што воопшто не се склони кон убиства, но се присилени на овој начин да заработат пари за да се извлечат од коцкарски долгови или слични неволји. Третата група се искусни убијци, кои сѐ уште ги учат тајните на занаетот, а четвртата се мајсторите професионалци, кои никогаш не промашуваат, а нивниот идентитет тешко или никогаш не се открива.
Според студијата, направена со детално проучување на 27 нарачани убиства што се направени на 36 лица, помеѓу 1974 и 2013 година, просечната цена на едно убиство е околу 25 илјади долари, а најевтиното е платено само 340 долари.

– Платените убијци се познати од популарната култура, во телевизиски серии или филмови се претставени како опасни момци преку кои нарачувате убиство, а тие се мачомени во некој бар, на тераса на некоја зграда со снајпер, во силно и детално прецизирани акции. Во вистинскиот свет, ситуацијата е поинаква. Платените убијци најчесто својата работа ја реализираат во моменти кога нивната жртва се чувствува најопуштено и сигурно, во време кога го шета својот миленик или, пак, кога оди во продавница на пазарење – пишува авторот на студијата, професорот по криминалистика Дејвид Вилсон.

Поради својата бруталност и ладен професионализам, некои од сериските убијци влегле во историјата на криминалистиката и за нив дури и се учи на факултетите.
Озлогласениот американски мафијаш Бенџамин Сигел, познат како Багзи, стекна своевиден статус на ѕвезда помеѓу мафијашите. Во Холивуд тој бил пријател со некои од познатите, како што е Френк Синатра. Својот мафијашки пат го започнал со рекетирање ситни трговци на улиците на Њујорк во времето на прохибицијата. Наскоро потоа станува најдоверливиот човек на њујоршката мафија, а се смета и за еден од основачите на организацијата „Мурдер инкорпорејтед“, која се поврзува со голем број ликвидации на мафијаши, вклучувајќи и многу босови.

Подоцна во неговиот живот тој работи во Калифорнија, Холивуд, а е и еден од основачите на селото Лас Вегас како царство на коцкањето. Неговата криминална кариера на мафијаш и бизнисмен ја завршува непознат професионален убиец во 1947 година. Овој лик е мотивација за голем број мафијашки филмови, а еден од најуспешните е и филмот „Багзи“.
И Хери Хеи Маирон дејствувал во истата организација како и Багзи. Прекарот го добил поради своето намќоресто лице, а се смета дека е одговорен за најмалку 12 убиства, вклучувајќи и потенцијални сведоци на мафијашки судења. Поради едно брутално убиство тој бил осуден на смрт на електричен стол. Погубен е во 1942 година во њујоршкиот затвор „Синг Синг“.

И Френк Абандандо бил член на истата организација. Се смета дека тој ликвидирал најмалку 30 лица, вклучувајќи го и мафијашот Фелис, за само 300 долари. Негово омилено оружје за убиство бил нож за кршење мраз. Своите жртви ги прободувал со ножот, поради што и стекнал репутација на најбескрупулозен убиец на њујоршките улици. Парите заработени со убивање ги трошел на луксузна облека и скапи автомобили. Бил и сексуален предатор. Омилено хоби му било возење низ градот и силување девојки. На судењето признал само за сите силувања, освен за едно, за кое изјавил дека тоа не се смета, затоа што со таа девојка подоцна се оженил. И тој бил осуден на електричен стол. Погубен е во 1942 година.

Во јавноста многу малку е познато дека таткото на славниот холивудски глумец Вуди Харелсон, кој се прослави со улогата во хит-филмот на Оливер Стоун „Родени да убиваат“, и самиот во стварноста бил „роден убиец“. Чарлс Харелсон служел две доживотни казни, поради убиство на судија, кого го усмртил со куршуми во главата на паркинг пред неговиот дом во Тексас. Тоа е и првиот судија убиен во 20 век. Убиството на судијата, познат под прекарот Максимум Џон, затоа што сакал да изрекува максимални казни за продавање дрога, го нарачал тексашкиот дилер Џамиел Чагра, кому требало да му се суди.

Таткото на Харелсон подоцна тврдел дека не го убил судијата, туку дека сакал да го измами Џамиел и да ја земе големата парична награда, но не му поверувале. Вуди Харелсон бил напуштен од својот татко кога бил момче и немале контактот сѐ до убиството на судијата, кога го посетил во затвор и продолжил да го посетува сѐ до неговата смрт во 2007 година. За неговиот татко тој изјави дека бил најпаметниот и најобразованиот човек во светот.

Ричард Куклински го добил прекарот Човек од Мраз делумно поради својата ладнокрвност, а дел затоа што една од своите жртви ја замрзнал за да им ја отежни работата на истражителите и да не можат да го утврдат времето на смртта. Тој во слободно време бил грижлив семеен човек од Њу Џерси. Осуден е за пет убиства и служел неколку доживотни казни, кога во 2006 година, починал во затворот на 70-годишна возраст.
Во затворот тој дал и неколку интервјуа во кои тврдел дека има убиено помеѓу 100 и 200 лица, вклучувајќи и еден њујоршки детектив. Кажал дека работел за најразлични нарачатели, кои добро го плаќале за неговата работа.

Тврдел дека своите жртви ги убивал на различни начини, вклучувајќи и нож за мраз, самострел, моторна пила, отров, па дури и гладни стаорци. Истакнал дека никогаш не убивал жени и деца, затоа што тоа било недопустливо според неговиот морален кодекс.

[email protected]