УВЕ ШВЕНКЕР, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ГЕРМАНСКАТА РАКОМЕТНА ЛИГА

По одлуката на германската влада како една од основните мерки за борба против коронавирусот, со која се забрануваат масовни собири во Германија до 31 август, се претпоставува дека ќе биде прогласен крај на сезоната и во најсилната ракометна лига во светот, Бундес-лигата.
– Нашите големи проблеми доаѓаат седната сезона. Сега правиме планови без основа и токму тоа ни ја отежнува ситуацијата – рече Швенкер за германскиот „Алгемајне цајтунг“, а пренесе „Кикер“.

Според Швенкер, клубовите во Бундес-лигата во следната сезона би се соочиле со уште поголеми финансиски тешкотии доколку продолжи да важи забраната за играње мечеви со публика.
– Ракомет без публика? Тогаш ќе биде исклучително тешко да преживеат клубовите. За разлика од фудбалот, ние сме зависни од публиката. Следната сезона, клубовите би можеле да ја преживеат финансиски само благодарение на грантовите, откажување од плати и друга поддршка, но работите и тогаш би биле критични.

Следната сезона ќе зависи од тоа кога и под какви услови ќе можеме да се вратиме во игра – рече Швенкер изразувајќи мала надеж дека гледачите ќе можат повторно да се вратат во салите до крајот на годината.