РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

По најавата на германската влада за забрана на масовни собири, вклучувајќи ги и сите спортски натпреварувања во Германија до 31 август поради пандемијата на коронавирусот, Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави дека завршниот турнир од Лигата на шампионите (ЛШ) за сезонава ќе се игра на крајот од годинава, непосредно пред новогодишните празници, на 28 и на 29 декември во Келн.
– Нашиот став беше поддржан од клупските претставници на последниот состанок за координација, сите сакавме да се одржи фајналфор-турнирот во 2020 година – изјави претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер.

Првиот термин за одржување на завршниот турнир во ЛШ беше 30 и 31 мај, кој поради пандемијата од коронавирусот беше презакажан за 22 и 23 август. Извршниот комитет на ЕХФ на 24 април треба да одржи нов состанок, на кој ќе се одлучува за крајот на европската сезона и начинот на пласман на клубовите на фајналфор-турнирот.
– Во секој случај, тоа ќе биде одлука заснована врз спортски резултати постигнати во веќе завршени рунди – рече Видерер.