Во време кога целиот свет мора да се приспособи на новонастанатата ситуација со пандемијата на вирусот ковид-19, граѓанските организации трпат сериозни последици од редуцирањето на нивното работење, а повеќето од нив се приспособуваат на новите состојби во обид да придонесат за што поефикасна борба на општеството против здравствената закана.
Некои од овие организации поради природата на нивното работење се принудени и да ги затворат своите канцеларии, да ги откажат планираните проекти, а со тоа и да останат без средствата што обично ги добиваат за остварување токму на тие проекти.
Другите продолжуваат да работат контактирајќи со граѓаните преку интернет и нудејќи предлози за надминување на кризата.
Во таа насока, „Цивика мобилитас“ почна да ги следи и објавува на едно место активностите на граѓанските организации што произлегуваат од кризата за да ги споделува позитивните примери во нашето општество.
Некои од тие организации, не можејќи да функционираат во услови на рестриктивни мерки, го насочија своето дејствување во насока на наоѓање решенија за борба со вирусот.
Невладината „Аваја“ организира онлајн-дискусија на тема „Психолошките ефекти од ковид-19 и ослободување од стресот“, нудејќи им на граѓаните можност полесно да се справуваат со психолошкиот ефект од пандемијата врз човечката психа, но и начини како луѓето да се ослободат од стресот акумулиран од секојдневните негативни вести поврзани со експанзијата на вирусот.
Од ХОПС имаат тимови на терен што доставуваат опрема до граѓаните, а преку телефонски контакт нудат информации за бесплатна правна помош и за социјални услуги.
Контакт-телефони за правна помош, социјални услуги, дневни центри, известувања за социјална заштита, психолошка поддршка, како и разни донации се само мал дел од услугите што почнаа да ги нудат граѓанските организации, во време кога не можат да ги остваруваат претходно планираните проекти во разни области.
Некои од граѓанските организации не можат да ја адаптираат својата работа на новонастанатите услови и поради тоа ги редуцираат активностите.
– Секако дека трпи работата во вакви услови. Ние се финансираме од фирмите што имаат амбалажа. Кај некои од нив работата е целосно запрена, така што од аспект на финансирање, ќе видиме како ќе стојат работите на крајот на месецот – вели Ико Брдаровски од „Пакомак“.
Тој додава дека рестриктивните мерки во насока на спречување на ширењето на коронавирусот го отежнуваат работењето.
– Од аспект на оперативните активности, имаме проблем со комуналните претпријатија. И тие имаат редуциран број на работници, така што приоритет им е чистење на комуналниот смет, додека нашите контејнери остануваат полни – нагласува Брдаровски, напоменувајќи дека е тешко да се работи во вакви услови.
Граѓанските организации отсекогаш имале голема улога во креирањето на општеството од различни аспекти, но сега и тие се соочуваат со несекојдневниот предизвик пред кој е исправено целото човештво.
Токму нивната способност да се адаптираат ќе придонесе за полесно справување со пандемијата и ќе ја зголеми можноста општеството да излезе како победник.