Американскиот претседател кажа дека ќе го прекине финансирањето на организацијата бидејќи таа предизвикала „толку многу смрт“ преку „туркање на кинеските дезинформации“, иако тој и самиoт отворено го пофали справувањето на Кина со вирусот
Со недели американскиот претседател Доналд Трамп се соочуваше со беспоштедни критики поради предводењето на бавниот и неефективен одговор за пандемијата на коронавирус, односно неможноста бргу да ги прифати мерките за јавното здравство кои можеа да го спречат ширењето на болеста, пишува „Њујорк тајмс“.
Затоа вчера, претседателот се обиде да ја префрли вината врз друг, наредувајќи и на неговата администрација да го запре финансирањето на Светската здравствена организација (СЗО), додека тврдеше дека организацијата направила серија на катастрофални грешки во борбата против вирусот. Тој истакна дека неговата администрација ќе спроведе истражување за прашањето дали СЗО е одговорна за „сериозно лошо постапување и за заташкување“ на ширењето на заразата.
– Толку многу смрт беше предизвикана од нивните грешки – кажа претседателот на прес-конференцијата во Белата куќа.
Всушност Трамп ја обвинуваше водечката светска здравствена организација за правење на сите грешки кои тој самиот ги направи откако вирусот изби во Кина и потоа бргу се рашири. Нападот врз СЗО, која беше основана по Втората светска војна како дел од Обединетите нации „за промовирање и заштита на здравјето на сите народи“, е последниот пример за обид на претседателот да ја префрли вината во текот на кризата – се наведува во написот на „Њујорк тајмс“ насловен „Критикуван за неговиот одговор на пандемијата, Трамп се обиде да ја префрли вината врз СЗО“.
Во изминатите неколку месеци Трамп постојано ги обвинуваше медиумите, гувернерите, демократите во Конгресот и поранешниот претседател Барак Обама, за нивната одговорност за бројот на случаи што ги преплавуваат болниците во САД.
Запрашан директно во средината на минатиот месец, дали тој е виновен за отсуството на капацитет за тестирање во државата Трамп одговори „Воопшто немам одговорност“.
Повод за гневот на претседателот кон СЗО беше неговото уверување дека организацијата пребргу поверувала во информациите за заразата што доаѓале од кинеската влада, во време кога нивниот значај бил критичен. Но токму Трамп јавно повторуваше пофалби за кинеската влада за нејзиното справување со вирусот на почетокот на годинава, кога неговата администрација преговараше за трговски договор со Кина.
– Кина работеше многу напорно за да го сопре коронавирусот, САД длабоко ги цени нејзините напори за транспарентност – напиша Трамп на Твитер на 24 јануари.
И други држави го поставија прашањето дали СЗО била доволно агресивна во препораките за дејствување. Но СЗО испраќаше итни совети во текот на јануари за потенцијалните опасности од вирусот. Иако администрацијата на Трамп тврдеше дека кинеските научици одбиле да споделуваат податоци, американските научници не се согласуваат со овие тврдења.
Двегодишниот буџет на СЗО изнесува околу шест милијарди долари, доаѓајќи од земјите-членки. Минатата година, САД придонесоа со околу 553 милиони долари.