Фото: Игор Бансколиев

Со оглед на фактот дека јајцата влегуваат во категоријата на основните прехранбени продукти, постојано се зголемува нивната побарувачка, но и велигденските празници дополнително влијаат на зголемената побарувачка на консумни јајца, велат македонските производители

Пандемијата на коронавирусот наметна промени во потрошувачките навики и кај македонските граѓани, кои од појавата на вирусот во земјава започнаа со масовни набавки, пред сѐ, на конзервирани и продукти со подолг рок на траење. Кога станува збор за месните производи, снабдувачите и трговците истакнуваат дека исто така, повеќе се трошат свежо месо и сувомесни производи, и притоа истакнуваат дека маркетите нагло се празнат, поради што вработените имаат проблеми со редовното снабдување.

– Пандемијата, освен луѓето, во некој вид изолација ги стави и повеќето помали бизниси, особено од услужниот сектор, а тоа индиректно влијаеше и на нашата компанија како производители. Како што растеше побарувачката, последователно и производството на производи од месо бележеше раст, особено во првиот период од мерките на Владата. Во сите супермаркети имаше метежи од луѓе, кои ги празнеа полиците неколкукратно повеќе од вообичаено, но со мали промени во работниот процес успеавме да се справиме со зголемената побарувачка во тој период. Во последната недела дојде до смирување и стабилизирање на пазарот што последователно резултира со пад на побарувачката и на производството на производи од месо – велат претставниците на компанијата „Везе шари“, која е производител на пилешки месни продукти и јајца.

Од компанијата додаваат дека и ним од малопродажните центри во земјата им било посочено дека е зголемена побарувачката на храна со долг рок на траење, поточно дека има значително зголемување на побарувачката за тестенини, јајца, конзервирана храна, овошје и зеленчук.
– Со оглед на фактот дека јајцата влегуваат во категоријата на основните прехранбени продукти постојано е зголемена побарувачката. Велигденските празници традиционално дополнително влијаат на зголемена побарувачка на консумни јајца. Сепак, иако имаше зголемена побарувачка на консумни јајца, ние во „Везе шари“ не ги зголемивме продажните цени ниту пак планираме да ги зголемиме. Капацитетите работат со максимално производство и се надеваме дека и понатаму така ќе продолжиме – истакнуваат од компанијата.

Оттаму додаваат дека имаат тешкотии и со остварување на меѓународниот промет поради бариерите на границите и дополнителните контроли, кои го забавиле протокот на стоки. Овие тешкотии ги зголемуваат транспортните трошоци на производителите, но како што објаснуваат, нема застој во земјите во регионот. Сепак, како што велат, извозот кон Република Турција е проблем, бидејќи таа земја не дозволува влез за камиони од Македонија.

Поради зголемениот обем на пазарење, кое е присутно во домашните маркети, министерот за економија Крешник Бектеши им посочи на граѓаните дека има доволно храна во земјава за неколку месеци и дека нема потреба од правење резерви.
– Ве уверувам дека има доволно храна и за наредните месеци. Не можеме да предвидиме колку ќе трае вирусот, колку ќе траат забраните, но сме обезбедени со прехранбени производи во нашата држава – истакна Бектеши.
Претходно, Министерството за економија презеде мерки што се однесуваат на замрзнување на цените на одредени производи.


Цени на месни производи во Македонија по килограм

Свежо свинско месо 250-300 денари
Свежо јунешко месо 400-450 денари
Свежо телешко месо 600-700 денари
Свежо пилешко месо 250-300 денари