НОВИ КНИГИ: „Стефан во Магичниот град“ на Александра Велинова

„Стефан во Магичниот град“ е насловот на новата книга за деца на Александра Велинова, што неодамна излезе од печат во издание на издавачката куќа „Култура“ од Скопје, која годинава одбележува 75 години постоење.
Ова е второ авторско дело на Велинова за најмладите читатели. Нејзина прва книга е „Бидејќи сум дете“ што беше отпечатена пред неколку години, а исто така таа е коавторка на „Македонската илустрирана енциклопедија за деца“, на издавачот „Едука мак“. Таа ги напишала и стихозбирките: „Од дното на душата“ и „Стапки во пустина“ и книгата: „Како ги заработив првите пари“. Младата авторка е членка и на Друштвото на писателите на Македонија.

– Во време кога недостигаат автори за деца во македонската литература, сакам да упатам голема благодарност до издавачка куќа „Култура“, која го поддржа моето најново литературно остварување, во кое се опишува како едно момченце ја доживува посетата на забавниот парк „Дизниленд“ во Париз, Франција. Поточно, мене ме инспирираше ова детско царство кога го посетивме семејно, а особено реакциите на син ми Стефан. Во оваа сликовница овој магичен град е претставен низ неговите детски очи. Токму затоа ако не можете да го посетите, донесете го „Дизниленд“ дома – сугерира Велинова.

Таа дополни дека секое патување со Стефан за неа е посебно, бидејќи во текот на сите заеднички посети на разни места и градови, особено значење имаат разговорите со него.
– Разговорите со децата за време на патувањата се многу важни, бидејќи тие не се кученца што ќе ги ставите во автомобил и на крајот, кога ќе се вратат дома нема да знаат ни како се вика местото што го посетиле, ни зошто биле таму или по што е препознатливо? Патувањата се искуства нели, кои ги облагородуваат и децата и возрасните – истакна авторката.
Александра вели дека исто како и во секојдневието и за време на патувањата треба да бидеме трпеливи со децата и да им одговориме на секое прашање и потпрашање.

– Не треба да нѐ заморува детското љубопитство, туку треба со радост и трпение да им одговараме на прашањата, бидејќи интелигентните деца секогаш и за сѐ нешто прашуваат. Децата секогаш поразлично ги доживуваат нештата од возрасните: за нив предметите се поголеми (бидејќи тие се малечки), страшните работи се уште пострашни, имаат сосема поразлична перцепција. Тоа го има предвид секој автор за деца. Кога е во прашање оваа моја најнова сликовница таа е преплавена од емоции. А за емоции децата учат и дома и во градинка и во училиште – вели таа.
На Велинова ѝ пречи и начинот на кој сѐ уште се воспитуваат децата кај нас.
– Не ми се допаѓа што сѐ уште им робуваме на стереотипите. И денес често на машките деца родителите им велат: „Ти си машко не треба да се плашиш, да плачеш“. Според мене, тоа е многу погрешно.

На пример, при нашата семејна посета на „Дизниленд“ многу страшна беше атракцијата инспирирана од филмот „Војна на ѕвездите“, но ако мене ме исплашија патувањето во вселената со сите впечатливи ефекти, Стефан, како дете што расте заедно со неговата генерација воодушевувајќи се од фантастични цртани филмови уживаше. Единствено што го плашеше е затресувањето на седиштето на кое седеше. Куќата на стравот беше несекојдневно доживување, но стравот престанува во моментот кога сфаќа дека сето тоа чиј дел сте не е реално. Емоциите во книгата можат да се забележат и на изразите на лицето на децата во илустрациите, кои одлично ги има доловено Никола Темков – нѐ информира Александра.
Оваа сликовница, според оние што веќе ја имале в рака, е авантура за целото семејство.

– Верувам дека „Стефан во Магичниот град“ сите ќе ве насмее, особено моментот кога принцезата ѕирка со едното око за да види дали тој што дошол да ја разбуди е принцот или не е тој, или мигот кога во Куќата на пиратите бабичката го брка пиратот што сакал да ѝ ја изеде супата – доловува дел од ведрата атмосфера авторката.
Се разбира, Александра првиот тест за тоа дали ова четиво ќе допре до најмладите го направила со седумгодишниот син Стефан, кој оди во второ одделение и кому и му ја посвети книгата. Неговиот помал брат, четири и пол месечното бебе Алексеј засега може само да ги гледа интересните и впечатливи илустрации.
Со ова свое најново дело, Александра Велинова сака да упати и порака до родителите, почесто да им читаат на своите деца и тоа од најмала возраст.

– Читајте им и на бебиња штотуку донесени од болница. Само така ќе почнат навреме да зборуваат и ќе нема потреба да се носат на логопеди, што, за жал, сатана многу честа појава кај нас во последно време. Исто така на тој начин, ние писателите за деца ќе имаме секогаш своја читателска публика – вели Александра Велинова.


Снежана и седумте џуџиња

Снежана забележа дека Стефан е тажен
како да знаеше дека мисијата не му успеа.
На џуџињата им беше смешен,
па му ја бушавеа косата и смеа се разлеа.

Лутко: – Ти ќе ме менуваш,
кога сум уморен јасно?
Стефан почна да се смее гласно
и никако не му е јасно.

– Од каде знае дека така ме викаш мамо,
па јас и ти знаеме само.
– Да погоди не му беше тешко, не мурти се,
поубав си кога си смешко.

(Од книгата „Стефан во Магичниот град“)