Досега е позната теоријата за избивањето на коронавирусот од пазарот Хуанан во кинески Вухан, но научниците сѐ уште трагаат по вистинскиот „виновник“ меѓу животните, пренесува „Гардијан“.
Некои теории тврдат дека лушпестите мравојади панголините се причината за пренесувањето на вирусот од животните врз луѓето. Научниците се обидуваат да откријат како ковид-19 се прошири кај луѓето, бидејќи тоа знаење ќе им помогне во спречување на следната пандемија.
Според професорот Стивен Тарнер, раководител на одделот за микробиологија на Универзитетот Монаш во Мелбурн, ковид-19 потекнува од лилјаците. Но, неговата увереност завршува овде.
– Вирусите циркулираат постојано во животинското царство. Фактот дека од вирусот сега е заразен и тигар во зоолошка во Њујорк е доказ дека вирусот се шири меѓу видовите. Ваквите податоци се битни бидејќи со нивна помош се стеснува откривањето на можното потекло на вирусот – вели Тарнер.
Научниците сметаат дека ситуацијата е слична како појавата на САРС во 2002 година, кога преку лилјаците вирусот се префрли на мачки, а потоа и на луѓето. Научниците сметаат дека панголините се причината за преминувањето на ковид-19 кај луѓето. Тие се најкриумчарените цицачи во светот поради нивното месо и верувањето во лековитите својства на нивните лушпи. Тие исто така не биле наведени на листата на залихи во пазарот Хуанан, бидејќи е нелегално да се тргува со нив.
Една студија ја разгледува способноста на вирусот за проширување кај луѓето, со што се претпоставува дека можни пренесувачи се низа животни, како мачките, биволите, козите, овците и гулабите. Друга студија ги отфрла панголините како можен пренесувач, бидејќи се покажало дека тие немаат низа аминокиселини кои се присутни кај ковид-19.
Се верува дека пренесувањето на вирусот од животните е само еден дел од приказната на ковид-19, бидејќи потоа вирусот се адаптирал за да се шири меѓу луѓето.
Анализата на првите 41 случај од Вухан откриваат дека 27 заразени лица имале директен контакт со животните на пазарот, но интересно е тоа што првиот заразен случај немал контакт со животните. Овој пример е уште една причина за сомнеж во досега утврдената приказна.
Иако панголинител се посочени како можни кандидати за ширењето на ковид-19, уште не е докажано дека тие се „клучниот посредник“ меѓу животните и луѓето.
– Во овие три месеци од пандемијата, вирусот не покажа значителна промена, што укажува дека тој добро е прилагоден на човекот – вели Стенли Перлман, експерт за пандемии на коронавируси од Ајова, САД.
Друга причина за немањето цврсти докази е што таканаречениот „влажен пазар“ (каде што се тргува со животни – н.з.) во Вухан брзо беше исчистен, а најверојатно причината за ширењето беа лилјаците. Сепак, иако научниците ги открија предците на вирусот, поседувањето на пошироко знаење за неговата застапеност кај други видови може да фрли светлина на тоа како ковид-19 се префрли од животните врз луѓето, како и да помогне во побрзо спречување на следната голема пандемија.