Голем број прашања се покренаа околу тоа дали коронавирусот бил присутен во земјава уште пред да биде детектиран првиот случај на заболен од ковид-19, на 26 февруари годинава.
Докторот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје на денешната дебата во Владата, каде одговара на прашања поврзани со вирусот, вели дека комплетната слика за тоа ќе се има во некои подобри времиња, а откако ќе заврши епидемијата, кога ќе се повторат сите тестови за инфлуенца (грип).
Во периодот 2019/2020 имало 38 илјади заболени од грип, што е за 18.000 повеќе од претходната сезона.
– Кога ќе заврши целата оваа активност, во подобри времиња, ќе направиме истражување во кое ќе кажеме прецизно дали некој од овие случаи со грип, кои се регистрирани во сезоната 2019/2020 имале симптоми слични на ковид. Тестовите што се направени само за инфлуенца ќе ги повториме, ги чуваме тие материјали и тогаш ќе видиме дали некој од нив имал ковид-19 – рече Караџовски.
Тој додаде дека првиот период во Македонија со ковид-19 е поминат, и сега сме во фаза кога одиме во нагорна линија.