Популарната шпионска ТВ-серија на Џанг Јимоу е еден од проектите што има дозвола да продолжи со снимање, но единствено под строги здравствени услови.
Кинеската филмска и ТВ-индустрија повторно покажува знаци на живот, откако голем број студија низ целата земја повторно се отворија, а суспендираните филмски снимања беа рестартирани.
Според „Глобалната кинеска телевизиска мрежа“, филијала на државната телевизиска мрежа „Централна кинеска телевизија“, градовите Нингбо, Шангај, Кингдао и Шиан повторно ги отвориле своите студија, а ТВ-сериите како „Легендата на Феи“ и „Како река што тече“ продолжија со продукцијата. Филмови со висок профил, вклучувајќи го и „Ќор-сокак“ на Џанг Јимоу, се вели дека, исто така, повторно започнале со снимање.
Овој потег следува по обидите за укинување на ограничувањата и рестартирање на економијата низ целата земја, што вклучува повторно отворање на киносалите и туристички атракции, како и дозволување училиштата да започнат со настава.
Сепак, киносалите набргу беа повторно затворени, заедно со други места за забава, поради стравувањата од втор бран инфекции со коронавирусот.
Продуцентите воведоа строги регулативи за да се осигурат снимањата, вклучувајќи и карантин за филмските екипи, како и услов да се покаже знаење за „превенција на епидемија“. Локалните власти обезбедија и финансиски стимулации, како што се субвенции за изнајмување опрема и угостителство, за да ги охрабрат производителите да продолжат со снимање.