Папата Франциск ја спореди пандемијата на коронавирусот со неодамнешните пожари и поплави како еден од одговорите на природата на амбивалентноста на светот кон климатските промени, пренесува „Њујорк пост“.
– Постои израз на шпански: Бог простува секогаш, ние простуваме понекогаш, но природата не простува никогаш – рече папата во интервју за британскиот католички неделник „Таблет“.
Папата одговараше на прашањето дали тој верува оти коронавирусот може да поттикне еколошка преобразба, идејата луѓето да водат еколошки посвесни животи преку разбирање дека природниот свет е дело Божје. Тој рече дека дека светот допрва треба да реагира на неодамнешните делумни катастрофи поврзани со климата.
– Кој зборува сега за пожарите во Австралија или се сеќава дека пред 18 месеци еден брод можеше да го премине Северниот Пол бидејќи глечерите се стопија? Кој зборува сега за поплавите? Не знам дали ова е одмазда на природата, но секако се реакции на природата – рече тој.
Папата Франциск додаде дека верува оти избувнувањето на пандемијата на ковид-19, која го разорува светот, може да поттикне промена.
– Ова е време да се направи пресуден чекор, да се премине од употреба и злоупотреба на природата кон размислување – рече тој.
Со повеќе од 1,5 милиони случаи на коронавирус регистрирани низ целиот свет, папата рече дека вирусот фрлил силна светлина врз лицемерието.
– Оваа криза влијае врз сите нас и го става лицемерието во центарот на вниманието. Загрижен сум поради лицемерието на одредени политички личности кои зборуваат за соочување со кризата, за проблемот со гладот во светот, но кои во меѓувреме произведуваат оружје – рече тој.
Ватикан ги затвори базиликата и плоштадот „Свети Петар“ за јавноста на почетокот од март, но посочи дека членовите на администрацијата на Ватикан сè уште работат и практикуваат социјално дистанцирање.
– Куријата се обидува да ја продолжи својата работа и да живее нормално, да се организира во смени, така што не се сите присутни во исто време. Тоа е добро осмислено. Се придржуваме кон мерките што ги наредија здравствените власти – рече тој.