Концептот што прв го понудил економистот и нобеловец Милтон Фридман во 1969 година, познат како „пари од хеликоптер“, за многу економисти денес, поради ширењето на коронавирусот, кое ги запира економските текови, веќе не е само луда идеја
Поради пандемијата на коронавирусот, САД, ЕУ и Германија веќе одобрија огромни суми пари за заеми, но и за подобрување на ликвидноста на економиите. Поради стравот дека светот влегува во рецесија, многу медиуми и економисти прашуваат дали е дојдено времето кога владите ќе преземаат мерки, кои досега беа само спомнувани како далечни опции? Уште пред неколку години, водачите на Европската централна банка сериозно го разгледуваат таканаречениот концепт „пари од хеликоптер“, како план за спас на проблематичните економии во Европа и пошироко.
Што значи концептот „пари од хеликоптер“
Станува збор за концепт што прв го понудил економистот и нобеловец Милтон Фридман во 1969 година, познат и како „пари од хеликоптер“. Фридман на овој начин ги нарекол парите што ги создава централната банка на една земја – од ништо – и потоа тие пари им ги дава на граѓаните така што „им паѓаат на луѓето како некој да ги фрла од хеликоптер“. Низ светот идејата се нарекува и „дожд од пари“, а денес многу економисти сметаат дека оваа идеја на Фридман веќе не е само луда идеја. Според Фридман, централните банки секогаш можат да одржат здрав раст на понудата на пари, бидејќи тие секогаш имаат можност да печатат банкноти и „да вшприцуваат пари кон гладната економија“.
– Концептот „пари од хеликоптер“ беше карактеристичен за неодамнешната светска економска криза. Целта беше да се зголеми ликвидноста во економијата, а со тоа и да се поттикнат производството и побарувачката во домашната економија. Но тогаш со интервенција на фискалната и монетарната политика, се создадоа услови за пристап до свежи пари, пред сѐ, на претпријатијата, а преку нив до граѓаните.
Во новонастанатата криза, во одделни земји, како САД, Словенија, Србија… се предлага линеарно (еднакво) доделување парични средства директно на секој граѓанин. Целта е едноставна: зголемување на побарувачката, односно потрошувачката на населението, кое, на тој начин, во голема мера, ќе ги заштити вредностите на претпријатијата со зголемена ликвидност, ново производство, задржување на поголем дел од вработените на работа и слично – објаснува професорот Томе Неновски.
Сепак, Неновски укажува на спецификите во Македонија во врска со овој концепт, односно „делењето пари директно кај граѓаните и претпријатијата“.
– Со оглед на очигледните дупки во буџетот на Република Македонија, речиси е невозможно властите да им доделуваат директна финансиска помош на претпријатијата и граѓаните. Поради тоа, Владата на РМ најави примена на други мерки што би дејствувале во тој правец, но кои или сѐ уште не се применуваат или немаат директно дејство врз зголемување на ликвидноста на претпријатијата – истакна Неновски.
Намалена потрошувачка поради намалените примања
Професорот Неновски укажува дека дел од мерките што се најавуваат и за кои се размислува да се спроведат се сосема спротивни и се контрапродуктивни, односно дека ќе доведат до намалена потрошувачка кај граѓаните поради намалените примања.
– Владата на РМ размислува за спроведување контрапродуктивна мерка насочена кон намалување на личните примања на голем дел од граѓаните, што ќе има директна негативна последица за потрошувачката, а со тоа и за производството на стоки и услуги и намалување на бројот на вработени во одредени капацитети. Поради тоа, во овој момент, се чини дека е потребно донесување и брзо спроведување сет мерки за ослободување на претпријатијата и граѓаните од одредени фискални, кредитни и други давачки, ослободување или субвенционирање на претпријатијата и граѓаните за одредени видови парични обврски како даноци, придонеси, такси, обврски спрема јавни претпријатија и слично. Но и забрзано реализирање на јавните работи, односно брза реализација на капитални инвестиции, кои се замаец на економијата и на задржување на платите, потрошувачката и вработеноста на антикризно ниво – објаснува професорот.
Северниот сосед најавува пари од хеликоптер, за секој граѓанин на Србија по 100 евра
Низ светот има неколку модели преку кои се размислува како да се искористи идејата позната како „дожд од пари“, меѓу кои наједноставна е распределбата на фиксна сума пари на сите граѓани. Како на пример идејата да се даваат 500 евра на сите жители на ЕУ или 100 евра за секој возрасен граѓанин, како што најави Србија.
Идејата за пари од хеликоптер воскреснува поради ширењето на коронавирусот, а српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека вишокот пари Србија ќе ги користи за да ја спаси економијата и дека ќе спроведе економски мерки, кои доаѓаат од овој модел.
По одлуките на водечките централни банки за намалување на референтната каматна стапка, многу економисти прашуваат дали е дојдено време за подрастични мерки.
– Денес, за многу економисти, идејата за Фридман веќе не е луда идеја. Концептот „дожд од пари“ би можел да стане „социјално прифатлив“ – рече економистот и поранешен ректор на универзитетот „Дојче бундесбанк“, Дитрих Шонвиц.
Причината за ненадејниот интерес за концептот на Фридман е оти монетарната политика ги има исцрпено скоро сите можности, укажуваат економистите.
Шонвиц појаснува дека уште во 90-тите години на минатиот век, тогашниот шеф на Централната банка на САД, Бен Бернанке, има направено за Централната банка на Јапонија список на мерки што може да се преземат за зајакнување на економијата. Во текот на годините, централните банки во светот целосно ги искористиле сите мерки од списокот, од финансиската криза во 2008 година, освен последната точка, дожд од пари.
Сепак, критичарите стравуваат дека ефектот би можел брзо да се изгуби, бидејќи многу граѓани би биле во искушение да ги зачуваат тие дополнителни пари наместо да ги вложуваат, односно да ги трошат и со тоа да ја зајакнат економијата.
Исклучителните времиња понекогаш бараат вонредни мерки, клучното прашање е дали очајот на централните банкари е доволно голем за да го извлечат најекстремното оружје на монетарната политика од бункерот. П.О.