Иницијатива на ДКЦ и на МКЦ
Здраво деца и родители,
Имаме еден генерален предизвик за сите деца што посетуваат креативни работилници во ДКЦ-МКЦ (и други што сакаат да се вклучат во предизвикот), а тоа е секојдневно водење креативен дневник. Покрај ова, редовно во деновите кога имаме часови, преку електронската пошта, секоја група ќе си добие свои задачи како дел од тој час.
Креативниот дневник е дневно планирање и креирање уметност во тетратка со или без линии, голема или онаква каква што имате, но најважно е да се користи секојдневно. Во него можете да ги реализирате вашите идеи, размислувања, чкртки и цртки, дневни инспирации, да пишувате и да запишувате што сакате.
Неколку идеи за тоа што може да содржи креативниот дневник или 30 идеи за 30 дена во месецот:
1. Некоја од вашите активности дома. Што ви недостига најмногу додека сте дома?
2. Песна или расказ на слободна тема;
3. Запис како ги одржувате личната хигиена и хигиената на вашиот дом;
4. Колаж на слободна тема со самолеплива хартија, весник, фотографија, во основните бои – црвена жолта и сина;
5. Ликови од приказните и цртаните филмови – цртеж или приказна за нив;
6. Нацртај различни игри, кои ќе ти овозможуваат забавно и пријатно фокусирање (пробај да креираш игра по твоја желба и идеја);
7. Цртање со дување во сламка;
8. Истражи уметник и нацртај/репродуцирај некое негово дело;
9. Сложувалка – нацртај или направи сложувалка;
10. Цртеж во техника по желба и на слободна тема;
11. Направи цртеж од букви и од реченици;
12. Напиши приказна за патување и нацртај го местото каде што патуваш;
13. Нацртај дрво со гранки, ветар, дожд, пролетен пејзаж;
14. Тема: Музика – напиши или нацртај го омилениот музички инструмент;
15. Печатење – монотипија: нанесувате слој темперни бои на едната страна од хартијата, а со другата хартија притискате одозгора. Потоа ја тргате хартијата и гледате што сте добиле. Ја оставате некое време да се исуши.
Сте работеле ли компир-печат? Пробајте, направете некоја форма на компирот (ѕвезда, квадрат…) создавајќи печат, нанесете боја и печатете на хартија;
16. Моето омилено животно – песна, расказ или цртеж;
17. Нацртај огномет;
18. Нацртај ја или опиши ја твојата симпатија;
19. Нацртај ги или опиши ги твоите другари;
20. Нацртај што е интернет;
21. Нацртај го новиот поздрав со другарите/ките (без допирање!);
22. Нацртај графички или линеарен цртеж (само со линија);
23. Декоративен цртеж: нацртај си свој костим и декорирај го по твоја желба;
24. Светот на применетата уметност: различни видови дизајн на секакви предмети од твојот дом и околината;
25. Архитектура: нацртај ги куќата или зградата од соништата;
26. Просторен цртеж – нацртај нешто што го гледаш од далеку – блиску со: големо – мало, темно – светло;
27. Импулсивен цртеж: цртежот треба да се раководи од сопствените емоции и фантазија, а композицијата се гради со слободни, експресивни потези;
28. Напиши приказна за себе: кој/а си, што сакаш, што не сакаш, кои се твоите силни и слаби страни, што те прави среќен/на, а што те растажува;
29. Интервју! Интервјуирај ги домашните на некоја тема и запиши ги нивните одговори. На пример, што мислат за одредена работа/проблем, кои им се омилени работи и сл.;
30. Води дневник! Секој ден напиши по неколку реченици за тоа што си правел/а во денот.
Ги очекуваме вашите креативни дневници, цртежи, мисли, идеи да ги споделите со нас во инбокс или на следните електронски адреси:
[email protected]@gmail.com