Шеста година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска волонтерска акција „Часот на планетата Земја“, во која учество ќе земат над 162 земји ширум светот. Утре, во 20.30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 градови во над 180 држави ширум светот, а меѓу нив е и Македонија. Но, со оглед на новонастаната ситуација со ковид -19, „Часот на планетата Земја“ одлучи да ги откаже сите јавни закажани настани.

– Во периоди на криза можеме да покажеме дека ние и како поединци имаме моќ да направиме промена! Во моменти кога целиот свет се обединува во борба против уништувањето, без разлика дали се тоа смртоносни вируси, или пак климатските промени, треба да останеме смирени и фокусирани, а самосвеста да ни биде на највисоко ниво. Исклучувањето на светилките од јавните простори да го пренесеме во нашите домови и заеднички да испратиме порака за спас на планетата, бидејќи сега ѝ е најпотребна нашата помош – вели Ѓорги Селков од канцеларијата на „Часот на планетата Земја“ во Македонија.

Со оглед на тековната криза, Светскиот фонд за природа и глобалните канцеларии на „Часот на планетата Земја“ ширум светот им препорачуваат на сите лица да учествуваат виртулено во акцијата оваа година, за јавното здравје и безбедност.

– Поради фактот што останувате дома, не значи дека не можете да имате незаборавно искуство во текот на едночасовниот мрак! Составивме список од десет работи што можете да ги направите дома или на Интернет за да го прославиме „Часот на планетата Земја“ заеднички и да помогнеме во заштитувањто на нашата планета. Откако ќе ги исклучите светилките, играјте друштвени игри или прочитајте ја вашата омилена книга во мракот, гледајте го омилениот филм, кампувајте во вашата дневна соба, направете еколошка модна ревија, вежбајте ноќно фотографирање, направете акустичен концерт или караоке, слушајте ги предавањата на Сер Дејвид Атенборо и Грета Тунберг. Или направете влијание за само 60 секунди – потпишете ја нашата петиција „Глас за Земјата“. Додајте го вашиот глас за да ги повикате светските лидери да преземат итна акција за заштита и обновување на природата – вели Селков.

Акцијата онлајн ќе ја подржат голем број македонски јавни личности, а во нејзината реализација вклучени беа волонтери на Црвениот крст, Министерството за животната средина и просторно планирање, ЕВН и Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

Инаку, во минатата деценија, „Часот на планетата Земја“ инспирираше глобално учество во критични иницијативи за природата, климата и животната средина, помагајќи во кревање на свеста за проблемите со кои се соочува нашата планета.

М.Т.