Во време на коронавирусот полицијата во балканските држави има и дополнителна активност за пронаоѓање и изолирање на лицата што не го почитуваат полицискиот час или мерките за ограничено движење на јавни места. Иако во полициските билтени има помалку евидентирани случаи на сторени кривични дела, криминалците не мируваат ни во време на полициски час. Во Македонија, првиот ден од воведувањето на оваа мерка, во Охрид непознат сторител ограбил маркет. Во Србија била извршена и кражба на менувачница. Во земјите во регионот има и случаи кога криминалците и измамниците ги користат ситуацијата и стравот од епидемијата, за полесно да стигнат до вреден плен


СРБИЈА

Ограбиле менувачница за време на полициски час

Новосадската полиција уапси тричлена група, која рано наутро во средата, за време на полицискиот час, извршила кражба на менувачница во Бачка Паланка. Тие со возило го пробиле ѕидот на менувачницата во местото Бач и однеле сеф во кој имало околу два милиони динари. Кај еден од крадците полицијата пронашла автоматска пушка, со која во јануари годинава во селото Селенча било извршено разбојништво и од локалната менувачница биле украдени околу 1.500 евра и 100 долари.


Крадел салами во текот на ноќта

Припадниците на полицијата во Велико Градиште уапсиле дваесетгодишник од околината на овој град поради кражба на храна. Тој во неделата ноќта, во периодот на забрана за движење на јавни места, од една семејна куќа украл поголемо количество сувомесни производи. Судија за прекршоци му изрекол парична казна, која е преиначена на 50 дена затвор.


Сосед „љубовник“ однесен на тест за корона

Маж на 49-годишна возраст од Нишка Бања завчера е уапсен поради сомневање за обид за силување на сосетката (65), на која претходно ѝ испраќал љубовни пораки. По пристигнувањето на полицијата, насилникот се онесвестил, поради што била повикана брза помош, која утврдила дека тој има покачена температура. Мажот насилник веднаш бил однесен во карантин на Инфективната клиника во Ниш, за да се провери дали има коронавирус. Мажот и претходно бил пријавуван за недолично однесување, но тој не се смирувал. Критичниот ден се напил препарати за потенција и затропал на вратата на сосетката. Таа успеала да испрати порака до пријателка, која повикала полиција.