Не се исполнети ниту законските, ниту договорените услови за еднострано раскинување од страна на Владата на Република Македонија на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, за рудникот „Казандол“, информира концесионерот Друштвото за експлоатација, преработка и производство „Сардич МЦ“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, во реакција на изјавата на министерот за економија.
Во соопштението до медиумите „Сардич МЦ“ ДООЕЛ се повикува на записник за вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат од 15.03.2018 година извршен по налог на Владата на Република Македонија.
– Доколку Владата одлучи еднострано да го раскине Договорот за концесија за експлоатација без да бидат исполнети условите за еднострано раскинување, инвеститорите ќе бидат принудени да поведат спор против Република Македонија, пред Меѓународната арбитража за решавање на инвестициски спорови во Вашингтон, САД, со барање за надомест на штета од најмалку 380 милиони евра – се вели во соопштението од Адвокатското друштво „Чакамакови адвокати“, како полномошник на „Сардич МЦ “ ДООЕЛ.
Покрај надоместокот на штета, се вели во соопштението, за Македонија ќе произлезат и дополнителни значителни трошоци од водењето на оваа арбитражна постапка.
– Штетата која што ќе настане ќе биде уште поголема со оглед дека украинските инвеститори во Сардич МЦ активно инвестираат во подготовка на уште два рудника како и во други бизнис сфери каде што имаат инвестирано сериозни парични средства коишто ќе ги повлечат доколку Владата не го спречи едностраното раскинување – се наведува во соопштението.
„Сардич МЦ“ ДООЕЛ има Договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол“ Општина Валандово, Општина Богданци и Општина Дојран број 24-64/9 од 27.02.2015 година.