Со воведување на забрана на контакти како нова мерка во борбата против ширењето на коронавирусот, Германија навидум ја става демократијата на тест, судејќи според коментарите на медиумите кои сметаат дека слободата не може да биде ограничена, пренесува „Дојче веле“.
Канцеларката Ангела Меркел сега е во самоизолација, но претходно ги објави новите мерки за борба против коронавирусот кои од понеделник стапиле во сила во Германија со исклучок на Баварија, Саксонија и Сарската област, каде што претходно се воведени построги мерки.
Идејата е наместо забрана на движење да се воведе забрана на меѓусебни контакти. Тоа подразбира дека е дозволено движење на јавни места, но сами или со членови од исто семејство, или пак со само една личност која не е од семејството.
И понатаму е дозволена прошетка, џогинг или возење на велосипед. Домашните посети се дозволени освен собирање на поголем број на луѓе, како на пример за забави.
По затварање на кафулињата, баровите и на клубовите сега се затвораат и рестораните. Дозволено е да се зема храна во ресторани за брза храна за јадење дома, како и доставата на храна во домовите.
Се затвораат услужните дејности за нега на тело, фризрските салони како и тие за тетовирање и за масажа.
Мерките ке бидат во сила најмалку две недели.
Според медиумите „владата избегнува да ја користи синтагмата забрана за движење, бидејќи тоа мириса на вонредна состојба и одземање на слободата. Забраната за контакти е скоро иста, но звучи помеко“.