Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги одлучи да додели финансиска помош – донација за справување со последиците од коронавирусот (Ковид-19), во вкупен износ од 105.000.000,00 (сто и пет милиони) денари.
Повеќето од средствата, или 103.000.000,00 денари, им се доделуваат на радиодифузерите, и тоа: 73.000.000,00 денари на радиодифузерите (комерцијални и непрофитни) кои во моментот вршат телевизиско или радиоемитување и 30.000.000,00 денари му се доделуваат на Јавниот радиодифузен сервис Македонска радио-телевизија.
Од АВМУ преку соопштение наведуваат дека овие средства се доделуваат за заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства, за трошоци поврзани со производство, набавка и емитување програма, за санирање на негативните последици врз нивното економското работење поради коронавирусот и овозможување нивно непречено функционирање.
По 1.000.000,00 денари им се доделуваат на Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, наменети за мерки и активности за заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства и набавка на друга опрема и средства неопходни за извршување на активностите на министерствата за превенција, спречување ширење и справување со последиците од коронавирусот.
Средствата за радиодифузерите ќе бидат распределени на следниов начин: на сите радиодифузери, кои во 2019 и во 2020 година го имаат платено годишниот надоместок за телевизиско или радиоемитување на сметка на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, ќе им биде вратен уплатениот износ за надоместокот за дозвола за 2019 и за 2020 година, намален за износот на данокот на додадена вредност. Вкупниот износ на средства што се доделуваат по овој основ е 65.099.000,00 денари;
На радиодифузерите на кои рокот за плаќање на годишниот надоместок за дозвола им достасува по донесување на одлуката за донација, и тоа до крајот на 2020 година, Агенцијата нема да го побарува годишниот надоместок, туку ќе им издаде фактура чија висина соодветствува само на износот на данокот на додадена вредност. Вкупниот износ на средства што се доделуваат по овој основ е 7.901.000,00 денари.
Со сите субјекти Агенцијата ќе склучи договори за донација кои ќе стапат нво сила веднаш по потпишувањето од страна на договорните страни, а ќе се применуваат по добиеното позитивно мислење за јавниот интерес од страна на Министерството за правда.
– Се надеваме дека со оваа мерка ќе се олесни работењето на радиодифузерите и ќе се овозможи нивно непречено функционирање и понатаму. Воедно, уште еднаш ги повикуваме сите медиуми да известуваат професионално и одговорно и да ѝ обезбедуваат на јавноста точни, навремени и објективни информации – велат од АВМУ.