Со крст, на кој пишуваше дека на денешен ден е погребана Република Македонија и молитва на свештеници од битолската епархија, почна протестниот марш на ВМРО ДПМНЕ во Битола.
Колоната, на чие чело беше лидерот на партијата, Христијан Мицкоски својот протестен марш го почна од пред спортската сала Младост до плоштатот Гоце Делчев.
На протестниот марш присуствуваа илјадници граѓани, членови на ВМРО-ДПМНЕ и симпатизери од сите краишта на Македонија, кои наместо на роденденската прослава на партијата, дојдоа во Битола да протестираат против, како што беше речено, договорот за капитулација на Република Македонија.
Откако потсети на деновите на формирањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски нагласи дека во тие денови кога се формира ВМРО-ДПМНЕ многу луѓе не веруваа во определбите на партијата, но многу современици веруваа во единствената идеја за суверена, независна и самостојна Република Македонија.
– Имало луѓе кои се организирале и бореле за единствената идеја. И покрај сите падови, кои не ги чинело само политички кариери, туку ги чинело многу поскапо, ги чинело нивните животи кои ги положиле со една цел и за една идеја, а таа идеја била Република Македонија – рече на почетокот на митингот Кристијан Мицковски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на денешниот собир во Битола против промената на името, истакна дека тој го слуша гласот на народот.
„Го слушам гласот на народот, а тие викаат поведете ме. Ние ќе бидеме глас на огромното мнозинство граѓани кои викаат „Доста е”, „Премногу е”. И ние таа задача ја прифаќаме сериозно и со цел памет. Беспарицата, невработеноста, лошите здравствени политики, луѓе кои масовно ја напуштаат земјата. Тоа го гледаме од сегашните лоши политики. Се соочуваме со предавство и капитулација, а тоа е договорот за промена на нашето вековно име. Додека тој седи насмеан и задоволен и го тапкаат по рамо дека завршил голема работа и ужива во тие пет минути слава, историјата ќе суди. Ние во еден глас да му порачаме „Македонија”. Тоа е нашето име браќа и сестри. Име што се изговара со внимание и силна енергија. Нашето име е големо. Тоа е она што бевме, тоа е она што сме и тоа што ќе бидеме. Горди Македонци. Македонија останува нашата иднина – истакна Мицкоски.
-ВМРО го носи заветот на генерации и генерации Македонци за независност, слобода и своја држава. Тие генерации корави и цврсти Македонци за оваа своја цел, неретко плаќале со највисоката цена, своите животи, но и тогаш сметале дека тоа е премалку за она што преставувало нивната движечка енергија и цел- Македонија. И тоа бил најисконскиот порив на македонскиот обесправен народ, тоа била борба за човечки правдини на сите кои живееле на овие простори, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, столетен пркос кој еволоуирал кон крајот на 19-тиот век во нешто што прераснало во организирано движење, подоцна означено со четирите свети букви В М Р О. И затоа овие букви се габарит и големина, голема чест, но пред сè обврска – потсети претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од одбележвањето на 28 роденден на партијата.
-Александров ќе рече Македонија во минатото даде великани, имиња кои ги изговараме со смирена благонаклоност и со стравопочит. Македонија и сега создава големи по душа и неповторливи маченици и херои, подготвени за самопожртвување, пред споменот или ликот на кои им симнуваме капа. И грешат оние кои сметаат, или, пак, намерно шират тези дека наводно ВМРО-ДПМНЕ поделува, создава граници, и подигнува ѕидови, ВМРО е токму спротивното, тоа е заедничкиот покрив на една иста куќа, во која сите ние живееме, чии темели се силни, далеку продрени во земјата, изградени со човечки судбини и животи на многу генерации, кои се обединиле, пред сè поради заедничкиот порив за слобода и своја држава. ВМРО настанало како резултат на природниот стремеж на луѓето од овие простори, да се организираат, одбранат, да создадат нешто свое и заедничко, додаде тој и нагласи дека истрајноста е голема, затоа што ВМРО ДПМНЕ, исто како и ВМРО, преставува верба во принципи и вредности – порача Мицкоски.
-Нешто што трае толку долго, и што обединува толку многу луѓе, мора да е вербата во принципите и вредностите. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ во својата структура и основа ја носи таа слободарска мисла, која е сонот на многумина пред нас, и наша обврска која мора да ја исполниме за генерациите по нас. ВМРО и Македонија се иста идеја која ги натерала на дело и Татарчев, Карев, Делчев, гемиџиите, илинденците и оние потоа, партизаните, кои се чувари на огнот и стремежот за своја држава. Подеднакво и ние денес ја имаме таа обврска. Им благодариме за тоа што го направија за да можеме ние денес да ја имаме оваа држава – рече Мицкоски на митингот во Битола.