Многу патував. Живеев надвор. Никаде не видов таква негрижа за животот како кај нас. Животот во Македонија е вистинска авантура. Доживувањето е неповторливо. Ние сме виртуози на преживување. Никој, ама баш никој од оние што треба да го заштитат животот не го прави тоа. Сѐ е сведено на импровизација
Велат дека нема ништо поважно од човечкиот живот. Убаво звучи. А во реалноста сфаќате, всушност, колку е евтин животот кај нас. Поевтин амин. Без надеж и погазено достоинство животот станува казна. Смртта честопати станува излез.
Луѓето умираат. Напуштени, разочарани. Отфрлени од општеството умираат тивко во осама. Умираат и пред да се родат. Умираат брзајќи. Умираат во расипани и стари автомобили, скрпени со репарирани делови од автопазар. Умираат на необележани и неосветлени патишта. Умираат од човечка негрижа. Умираат од заскитани „свадбарски“ куршуми. Умираат на пешачки премини. Зашто не биле доволно брзи да ги поминат.
Умираат во болници. Зашто медицинските апарати не работат. Зашто нема лекови. Зашто хигиената е очајна. Зашто личниот интерес го ставивме над општиот. Зашто некаде по пат ја заборавивме хуманоста.
Умираат во запалени згради. Зашто некој ги украл цревата за гаснење на пожарот и ги направил непристапни приодите за пожарникарните возила. Умираат од загаден воздух. Зашто заборавивме на природата и зеленилото. А градот го оковавме во бетон.
Умираат од срце. Зашто стресот е појак од најјакото срце. Смртта ќе ве затече на работа, на улица, дома, во болница. Зашто срцето ви го мери животот. Ги собира чемерот, болката, неправдата, разочарувањето, нереализираните соништа. Срцето не може да згреши. Секогаш прецизно ви ја кажува вистината за вашиот живот. Ако имате среќа, да ја чуете.
Во Македонија луѓето умираат од сиромаштија. Зашто не можат да го платат животот. Одамна стана премногу скап. Велат дека сиромаштијата го обезвреднува животот. Го прави неподнослив за живеење. Го прави недостоинствен.
И кога преживуваш со малку, сакаш да веруваш дека твојот живот има значење. За жал, политиката ги промовира парите како средство што може да го купи вашиот живот. Да ја дефинира цената на вашиот живот. Да ги измери трошоците на животот. Кога почнавме да се натпреваруваме за тоа чиј живот вреди повеќе на пазарот, животот стана безвреден. Во таков свет личните вредности престанаа да ве дефинираат кои сте и што сте и што сакате од животот.
Затоа умираме балкански, сонувајќи го европскиот сон. Само колкумина не го досонуваа. Се прашувам: што имаат тие од оптимизмот и заблудите за нашиот пат кон Европската Унија. Кога тие зачекорија на еден сосема непознат пат.
Многу патував. Живеев надвор. Никаде не видов таква негрижа за животот како кај нас. Животот во Македонија е вистинска авантура. Доживувањето е неповторливо. Ние сме виртуози на преживување. Никој, ама баш никој од оние што треба да го заштитат животот не го прави тоа. Сѐ е сведено на импровизација. Сакате во градежништвото, сакате во сообраќајот, сакате во здравството. Каде не.
Тоа е „храбриот нов свет“ што го создадовме за нас во Македонија. Свет во кој одамна престанавме да го славиме животот. Свет во кој смртта стана обична статистичка бројка. Свет во кој го заборавивме човекот.
Ништо не може да ја оправда нашата негрижа за човечкиот живот и вината кога е прекинат. Особено кога власта му придава мала вредност на нешто што е бесценето. А толку евтино. Човечкиот живот.
Искрено. Смртта не ме плаши. Никогаш не ме плашела. Ме плаши недостоинствен живот. Ме плаши што многумина заминуваат без да го почувствуваат вистинскиот вкус на животот. Што се уморија од чекање за подобар живот. Кој ни го ветуваа. А толку лесно се предадоа. И си заминаа.
Затоа искрено ја посакувам Европа. Не како политички пазар. Онаа вистинската. Која го цени животот и го прави вреден за живеење. Кога тоа не успеа да го направи нашата држава.
Сепак, таму некаде има луѓе што сѐ уште се грижат. Кои сѐ уште го ценат и се борат за секој живот. Кои ѝ пркосат на смртта и тогаш кога ние се откажуваме. Тие се вистинските борци за животот. Кога сите ќе ве разочараат, тие се тука да ве потсетат дека за оваа држава сѐ уште има надеж. Невидливи, а толку видливи. Само треба да ги отворите очите.