Денес треба да продолжи судењето за случајот „Рекет“ за обвинети Бојан Јовановски и Катица Јанева.
На денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје, е предвидено прикажување на материјалните докази предложени од одбраната на обвинетиот Бојан Јовановски. Се очекува да се презентираат фотографии од гардеробата на Јовановски со кои тој и неговиот адвокат ќе сакаат да докажат дека таа е купена пред периодот за кога обвинителството тврди дека бил правен рекет и дека дел од парите се переле преку купување на скапите парчиња облека.
На денешното рочиште, судскиот процес треба да продолжи и со испитување сведоци и презентирање докази од страна на одбраната на Јанева. Меѓу нејзините сведоци се голем дел од обвинителите кои работеа во СЈО. Нејзината одбрана побара дел од докази и сведочењата да бидат на затворено рочиште, бидејќи станува збор за предмети кои се отворале во СЈО, односно се во предистражна и истражна фаза.
Јовановски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања.