Македонскиот сценограф Крсте Џидров-Џиби донираше серија концептуални дела од циклусот „Белешки“ на неодамна починатиот уметник Симон Узуновски (1949 – 2018).
– Симе беше еден од моите најдобри другари. Пријателувавме уште од крајот на 1970-тите години, од кога и датираат овие негови дела, кои првпат беа изложени во галеријата „Кора“. Тој постојано се селеше и поради тие селидби, ги остави кај мене, за да ги заштитам за да не ги оштети при транспорт.
Не можам да кажам дека се во моја приватна сопственост, туку беа во долгогодишна привремена сопственост кај мене. По неговата смрт, овие 4 дела му ги подарив на Музејот на современата уметност за да ја дополнам колекцијата на оваа институција со уште дела од Узуновски, која, пак, трајно ќе ги заштити – открива Џидров.
Донацијата на Крсте Џидров-Џиби ја збогатува колекцијата на дела на Симон Узуновски во Музејот на современата уметност, во која влегуваат некои од неговите најзначајни дела со леплива лента, како што се „Тркалајката“, „Човек и птица“, 8 колажи од циклусот „Ливада“ и објектот „Преспа“.