Судењето за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Тортура“ е одложено за 9 јули поради неприсуство на обвинетиот Филип Атанасов.
Неговиот адвокат Љупчо Шврговски достави писмена лекарска потврда од здравствената установа „Медикал сапорт“ со вчерашен датум во која пишува дека обвинетиот има висока температура и вироза.
Шврговски до Судот достави и медицинска потврда за третообвинетиот Новица Станковски, поради чија болест беше одложено минатото рочиште.
Судијката Александра Ристевска опомена дека ова ќе биде последно одложување и најави дека од наредното рочиште ќе ја раздвојува постапката доколку некој е болен затоа што, како што кажа, тоа е од интерес на обвинетите, оштетениот, обвинителите, бранителите и судиот.
Во „Тортура“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.