Степенот на депресија е различен и се движи од минорен до развивање на вистинска психоза. Симптомите што се видливи се екстремна тага, немање енергија, анксиозност, епизоди на плачење без причина, иритабилност, промени во образецот на спиење и хранење…
Најголемата среќа на една жена е давање живот на ново битие. Тоа, всушност, е и најголемата предност на жените! Но овој чин има и една друга страна, која ни малку не е розова ниту радосна, а тоа е опасноста од постпартална депресија. Депресијата што се јавува по породувањето претставува еден вид растројство на расположението и, за чудо, може да ги зафати и двата партнера (таткото и мајката). Таа се јавува кај 15 проценти од сите родилки, додека кај татковците се јавува во еден поширок размер (1-26 отсто). Степенот на депресија е различен и се движи од минорен до развивање вистинска психоза. Симптомите што се видливи се екстремна тага, немање енергија, анксиозност, епизоди на плачење без причина, иритабилност, промени во образецот на спиење и хранење итн. Вообичаено, овие симптоми се јавуваат една недела до еден месец по породувањето. Таа состојба негативно влијае и на самото новороденче.
Кои се точните причини за оваа појава сѐ уште не е многу јасно, па се зборува за комбинација на физички, емоционални, генетски и социјални фактори. Затоа во денешниов напис ќе зборуваме за некои понови сознанија околу постпарталната депресија.
Едно поново истражување направено во универзитетот „Колумбија“ открива дека општата анестезија, која се дава кај породувањето со царски рез, го зголемува ризикот за тешки постпартални депресии, кои наложуваат хоспитализација, а се придружени со мисли и обиди за самоубиство или самоповредувања. И кај нас, како и во поразвиениот свет, сведоци сме на растечкиот процент на породувања со царски рез. Колку тие се со оправдани медицински причини не е место за полемика!
Од друга страна, процентот на депресии пораснал многукратно во последните 15 години, па, така, се покажало дека една од седум жени развивала депресија. Како прва задача во истражувањето било да се разјасни ризикот од општата и локална анестезија при овој вид породување. Општата анестезија го зголемува ризикот од депресија поради фактот што почетокот на интеракцијата мајка-дете, или допир со кожата, како и доењето се одложени и тоа предизвикува значајна постпартална емотивна болка. Токму затоа, информираните мајки избегнуваат да примаат општа анестезија, зашто, ете, таа има негативни последици по менталното здравје. Истражувањето потврдило дека дури 3 отсто од родилките развиваат сериозна, наречена „мајорна депресија“, а дури 60 проценти од жените имаат повторно хоспитализирање поради овој проблем. Кај нив најмногу се јавувале мисли за самоубиство, а често и знаци на самоповредување. Токму поради овие факти, во современите болници не се препорачува општа анестезија, туку локална дури и кај царските резови.
Едно друго истражување поврзано со постпарталната депресија сугерира дека контролирање на болката за време на породувањето и по него може да го смали јавувањето на постпартална депресија. Имено, во една нова кинеска студија е покажано дека епидуралната анестезија, која се давала при нормално (вагинално) породување, го смалува ризикот од постпартална депресија, споредно со оние жени што не добивале никаква анестезија. Тоа значи дека контрола на физичката болка при породувањето е битна за да се намали ризикот од депресија, а позната е поврзаноста помеѓу акутната и хронична болка со депресијата. Во иста насока, покажано е дека доењето е многу позастапено кај оние родилки што добивале епидурална анестезија во споредба со оние без неа (70 отсто наспроти 50 отсто). Хроничната болка, која трае над два месеца по породувањето, е огромен ризик за развивање депресија. Токму затоа, менаџирање на болката е многу битен момент за новите мајки. Нема раѓање без болка, но, да се избере помалата – тоа е кредото на новите трендови во медицината!
Кон крајот на 2018 година, во списанието „Анестезиологија“, се објави дека постпарталната депресија е повисока кај жените што се пораѓаат во пролет и зима отколку кај оние што раѓаат во лето. Исто така, жените што имале подолг гестациски период на бременоста помалку развивале депресија. Истовремено, во оваа студија се потврдува поврзаноста на депресијата со болката. Од друга страна, се потврдило дека жените од белата раса помалку развиваат депресија од другите раси. Дополнително, зголемен БМИ (индекс на телесната маса) е поврзан со зголемен ризик за депресија.
Генерално, со оваа студија се покажало дека раѓање во пролет/лето е поврзано со сезонско уживање надвор од куќата на мајките и новородените деца. Новородените се изложуваат на сонце, чист воздух, а позрелите новородени (подолг гестациски период) се полесни за негување. Тоа што жените од белата раса помалку развиваат депресија се должи, најверојатно, на подобрите социоекономски услови. Оние, пак, со повисок БМИ развиваат повеќе компликации и затоа се зголемува и ризикот за депресија.
Постпарталната депресија е поврзана и со нивото на хормоните кај жената.
Нивото на стрес-хормони ослободени преку плацентата може да биде индикатор за ризикот од депресија. Во една понова студија објавена од Американската психијатриска асоцијација, мајките што имале високо ниво на плацентарен кортикотропин ослободувачки хормон (пЦРХ) во средината на бременоста (околу 25 недела) имаат повисок ризик да развијат постпартална депресија, споредено со оние што немаат вакви вредности на хормонот. Плацентата лачи хормон во текот на бременоста и тој нагло се зголемува пред раѓањето. Се претпоставува дека тој хормон е часовникот што одредува кога ќе започне породувањето. Кај жените што раѓаат прематурни деца, овој хормон е многу висок и токму затоа тие се под повисок ризик за развивање депресија. Затоа, во поново време, преку анализа на нивото на пЦРХ, може да се идентификува ризикот од постпартална депресија.
Најпосле, да споменеме дека постпарталната депресија многу повеќе се јавува кај непланирани бремености. Симптомите вклучуваат лошо расположение, замор, анксиозност, иритабилност, чувство на неспособност за справување, тешкотии во спиењето. Овие знаци честопати остануваат недијагностицирани. На универзитетот „Каролина“ е потврдено дека овие симптоми се почести при непланирана бременост, забременување по грешка и сл. Ваквите бремености завршуваат со депресивна состојба дури 2,5 пати почесто од планираните и посакувани бремености.
Како дополнителни ризични фактори за постпартална депресија се возраста, сиромаштијата, како и едукативното ниво на жените. Непланираната бременост има долгорочни последици врз жената и затоа ним им се потребни дополнителна поддршка и помош. Скоро да нема жена, која по породувањето не е плачлива во првите 3-6 дена и оваа состојба се нарекува синдром на сино дете (беби блу). Многу често ја има кај жените што родиле прематурно дете, новородени што манифестираат стомачни колики и сл. Жените што имаат нарушен сон, оние што во исхраната не внесуваат омега-3 масни киселини, секако дека се под повисок ризик да развијат постпартална депресија.
Генерално, овој период од животот на жените е посебен, полн со предизвици, сомненија, физички и ментални проблеми и наметнува посистематски приод. Породувањето претставува голем поттикнувач за разгорување ментално растројство, кое одело скриено.
И, еве, во периодов по 8 Март, кога на жените им честитаме за слободата, рамноправноста, еднаквоста, кои ги стекнале со големи усилби и вистински револуции, со овој текст сакам малку да разјаснам за една негативна, непријатна придружна состојба, која се јавува токму по давањето нов живот!